Општина Илинден отпочна со изградба на фекална канализација за дел од Кадино

Отпочна реализацијата на капиталниот проект за изградба на фекална канализација за дел од населено место Кадино, во општина Илинден. Во рамки на проектот ќе се гради примарна мрежа со припадни краци на фекалната канализација за дел од населеното место Кадино во вкупна должина од околу 3500 метри, информираат денеска од Општина Илинден.

Оваа мрежа на фекална канализација преку препумпен уред и потисен цевковод ќе се поврзе со веќе изградената пречистителна станица во н.м. Кадино.

Како што информира градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, фекалната канализација ќе ги опфати домаќинствата кои немаат фекална канализација, се наоѓаат во еден од најниските делови на населеното место и припаѓаат во источниот и јужниот дел од н.м. Кадино.

-Од огромно значење е инвестирањето во комуналната инфраструктура за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Изградбата на фекалната канализација е приоритетен проект, кој ќе продолжиме да го реализираме особено во најниските делови од населените места во Општината, се вели во денешното соопштение. 

Оттаму појаснуваат дека на овој дел од фекалната канализација која во моментов се гради предвидено е да се приклучат приближно 100 домаќинства, додека останатите ќе бидат опфатени во наредниот период со изградбата на останатите фази од овој проект, со што населеното место Кадино ќе биде целосно покриено со систем на фекална канализација.

05.06.2024 - 14:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега