Општина Карпош ѝ забележува на полицијата за слабата реакција за тепачката во Злокуќани

Општина Карпош реагира на соопштението на Министерството за внатрешни работи по повод тепачката во Злокуќани, а потоа и на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

За какви луѓе станува збор, покажува фактот што се охрабриле да направат нова физичка пресметка во Клиничкиот центар токму онаму каде што граѓаните и тие самите одат на лекување и бараат помош од тие установи, коментира Општина Карпош и додава:

„Локалната самоуправа е на став дека кон овие насилници во бруталната пресметка незапаметена за нашата општина органите за спроведување ред и мир не реагираа соодветно на степенот на бруталноста, насилството и употребата на разни остри помагала и оружје во овој немил настан. Општина Карпош смета дека доколку одговорот на полицијата во првата пресметка во Злокуќани била пропорционална на тежината на инцидентот, нема да се случела тепачката на Клиничкиот центар, дотолку што повеќето од овие насилници ѝ се познати на полицијата со години. За какви луѓе станува збор, покажува фактот што се охрабриле да направат нова физичка пресметка на Клиничкиот центар токму онаму каде што граѓаните одат на лекување и бараат помош од тие установи. Раководството на Општината во повеќе наврати укажуваше на надлежните државни органи дека кон овие луѓе треба да се настапи бескомпромисно и одлучно да бидат санкционирани во согласност со законот, во спротивно нивната бруталност добива замав и го претвора Злокуќани во нивна забранета зона, која се шири како рак рана кон Бардовци и Влае 1“, се вели во реакцијата на Општина Карпош.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, кои се осомничени дека заедно сториле кривично дело насилство според член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

На 18 јуни пред Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно лице.

По претходна физичка пресметка помеѓу членови на две семејства во Злокуќани, оштетениот со семејството на Ургентниот центар чекале лекарска помош за син му.

Во дворот на клиниките пристигнале и осомничените. Физички го нападнале оштетениот удирајќи го по главата и телото со клоци и тупаници, но и со метални шипки, дрвени палки и други предмети. Со ударите му нанеле тешки телесни повреди – фрактури на носната коска и на ребрата, а кај другите присутни предизвикале чувство на загрозеност, несигурност и страв, соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите петмина осомничени бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците и оштетените, но и да го повторат делото.

 
19.06.2024 - 16:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега