Организирана група намерно расфрла отпад низ Скопје, вели директорот на „Комунална хигиена“
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Зухди Енуз, денеска одржа прес-конференција по повод видеоматеријалот што вчера беше објавен на социјалните мрежи, а се однесува на недоличното однесување на поединци, кои, како што рече. намерно ги уништуваат садовите за одлагање на отпадот и расфрлаат отпад на јавни површини.
„На оваа видеоснимка може да се забележат поединци како намерно ги уништуваат садовите за одлагање на отпадот и со црни кеси истураат отпад по должина на шеталиштето во центарот на градот.
Мораме да истакнеме дека ваквото недолично однесување и уништување на јавниот имот го имаме забележано на неколку локации во градот, увидено е дека јавни површини што нашите екипи ги имаат исчистено веќе следниот ден се полни со нов отпад, што укажува на фактот дека расфрлањето на отпадот на тие локации се врши намерно во вечерните часови.
Имаме информации дека станува збор за организирана група на поединци забележани неколкупати низ центарот на градот како вршат расфрлање отпад на разни локации“, посочи Енуз.
Директорот на „Комунална хигиена“ рече дека од самата видеоснимка е невозможно да се препознаат лицата што го вршат делото, па апелира до граѓаните да пријавуваат секаков вид недолично однесување на поединци што претставува непочитување на трудот на комуналните служби на Град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа