Ослободен израелски заложник го чекала трагична вест: Неговата сопруга и ќерките биле убиени

 


Ели Шараби, Израелец кој беше киднапиран од Хамас пред 16 месеци, дознал дека неговата сопруга и ќерките биле убиени во нападот на 7 октомври 2023 година, дури во саботата, кога бил ослободен по 491 ден во заробеништво.

Ова го потврдија членовите на неговото семејство кои живеат во Велика Британија, пренесе Би-би-си.

Неговата сопруга Лиан Шараби, по потекло од Бристол, и нивните ќерки Ноја (16) и Џахл (13) беа пронајдени мртви во нивниот дом на кибуц во јужен Израел по нападот на Хамас.

Родителите на неговата сопруга, Џил и Пит Брисли, изјавија дека на Ели веста за судбината на сопругата и ќерката му ја кажал припадник на израелските одбранбени сили (ИДФ). Пред тоа не знаеле дали е свесен за судбината на членовите на неговото семејство. Шараби е еден од тројцата заложници што Хамас им ги предаде на претставниците на Црвениот крст во саботата како дел од договорената размена на затвореници како дел од прекинот на огнот.

За да биде ситуацијата уште потешка, тој на сцената кога членовите на Хамас му дадоа микрофон рече дека е „среќен што се враќа кај сопругата и ќерките“.

Мајката и таткото на неговата сопруга плачеле додека на телевизија го гледале ослободувањето на нивниот зет. Тие го опишаа неговото видно изнемоштено лице како „измачено“.

 

„Беше многу тешко да се види Ели во таа состојба. Нормално, тој има малку буцкасто лице. Но на видеото очите му беа вдлабнати, образите му беа паднати, а рацете како стапови”, рекол Пит.

Се огласи и Џил Брисли, која рече дека плачела и дека се и се вратило.

„Единственото нешто што не држи заедно сега е фактот дека Ели се врати со нас. Барем имаме еден близок член на семејството кој е сè уште жив“, рече таа.

Еден од браќата на Ели, Јоси, исто така беше киднапиран на 7 октомври, но подоцна беше убиен во заробеништво. Хамас тврди дека тој бил убиен во израелски воздушен напад, кој Израел го опиша како можен.

Ослободувањето на тројцата израелски заложници беше договорено како дел од прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел, кој стапи на сила во јануари. Израел во саботата ослободи 183 палестински затвореници. Според договорот, Хамас ќе ослободи вкупно 33 заложници во замена за 1.900 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.

Досега се ослободени 16 израелски заложници, додека Израел ослободи 566 палестински затвореници од почетокот на прекинот на огнот.

10.02.2025 - 09:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега