Откриено е што сè правел измамникот од „Тиндер“

 

Една недела по објавувањето на документарниот филм The Tinder Swindler, се чини дека целиот свет е опседнат со Сајмон Левиев, или Шимон Хајат, како што е неговото вистинско име.

Иако документарецот на „Нетфликс“ во некои детали го прикажува животот на човекот кој доведе три жени на работ на очајот, сепак има некои работи што се случиле, а кои не се појавуваат во филмот.

Една од нив се случи во последните седум дена. Глобалната онлајн платформа за запознавање „Тиндер“, која всушност му даде крилја на Хајат, реши да му забрани пристап по излегувањето на филмот.

„Спроведовме детална внатрешна истрага и можеме да потврдиме дека Сајмон Левиев повеќе не е активен на Tinder под ниту еден од добро познатите псевдоними што ги користел досега“, пренесува „Вараети“ соопштение на платформата.

Два дена по излегувањето на документарецот, Хајат објави на Инстаграм дека сега е подготвен да ја каже својата страна од приказната. Иако бројот на неговите следачи незапирливо порасна, во моментов нема повеќе негови профили на таа платформа.

Вистинскиот крал на дијамантите, Лев Левиев, наводно го пријавил Хајат во израелската полиција за измама. Милионерот воопшто не е задоволен што тој се претставувал како негов син. Вистинската фирма Левиев, LLD Diamonds, исто така се дистанцира од сè што правел Хајат.

„Ние сочувствуваме со неговите жртви. Неговата измама предизвика заблуда за LLD Diamonds. Ништо од тоа што кажа за нас и за другите работи не е вистина“, изјавија од компанијата за медиумите.

Хајат претходно ги отфрли сите обвиненија. „Имам право да изберам име што го сакам. Никогаш не се преправав дека сум нечиј син, но некои мислеа дека сум. Можеби сум им го скршил срцето, но никогаш од никого не сум зел ни денар. Тие жени уживаа во моето друштво, патуваа и го видов светот на моја сметка“, тврди тој.

Хајат беше осуден во Израел во 2019 година, но тоа нема врска со дејствијата од документарецот, туку со обвинувањата од 2011 година. Со текот на годините тој бил баран во Израел, Англија, Данска, Германија, Шведска и Норвешка.

Иако осуден на 15 месеци затвор, одлежал само пет. Бил ослободен порано како дел од програмата за намалување на бројот затвореници поради пандемијата. Во документарецот не се спомнува таа причина, туку дека е ослободен поради добро однесување.

Документарниот филм на „Нетфликс“, The Tinder Swindler, следи вистинска приказна на три жени, жртви на измама на Израелецот Шимон, кој на „Тиндер“ лажно се претставувал како милијардер Сајмон Левиев.

Тој, наводно, со измами успеал да земе околу 10 милиони долари од наивни жени кои ја барале сродната душа на платформата за запознавање.

11.02.2022 - 23:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега