Отстранети 60 кубни метри отпад од дива депонија во населбата Топаана
Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија над 60 кубни метри отпад од обемна дива депонија лоцирана во скопската општина Чаир, во населбата Топаана, на раскрсницата меѓу булеварот Македонско-косовска бригада и улицата Џон Кенеди. При реализацијата на активностите беа ангажирани 10 работници на терен, со употреба на специјални комунални возила – подигнувач, багер и две патарки.
И покрај континуираните активности на ЈП Комунална хигиена-Скопје, во реонот на населбата Топаана речиси секојдневно се создаваат диви депонии како резултат на неправилното одлагање на отпадот на јавни и сообраќајни површини.
Во текот на првата половина на годината, екипите на Претпријатието подигнаа приближно 6000 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на Градот Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа