Ова е мајка рекордер: Јужноафриканка роди 10 бебиња-зачнати по природен пат (ВИДЕО)
Јужноафриканка на свет донесе 10 бебиња што би можело да претставува нов светски рекорд, јави денеска „Би-Би-Си“. Сопругот на Госиаме Тамара Ситоле рече дека ги изненадиле две бебиња, бидејќи на ултразвук претходно виделе осум.
– Седум се момчиња и три девојчиња. Среќен сум. Емотивен сум. Не можам многу да зборувам, рече Тебохо Цотетси за „Преторија њуз“.
Јужноафриканско официјално лице ја потврди информацијата на „Би-Би-Си“, но друг порача дека допрва треба да се видат бебињата. Случајот го истражуваат и претставници на Гинисовата книга на рекорди.
Гинисовиот рекорд на најмногу родени бебиња во еден пород моментно го држи жена која роди осумка во САД во 2009 година. Минатиот месец, 25-годишната Халима Сисе од Мали роди девет бебиња кои добро напредуваат во клиника во Мароко.
Породувања со повеќе од три бебиња се реткост и во најголем дел се резултат на третман на плодност, но двојката од Јужна Африка тврди дека нивните бебиња се зачнати по природен пат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа