Палчо влета и му пукаше во слепоочницата - Манев со грозоморни детали за убиството на Жежовски

 

Со распит на обвинетите за убиството на Вања и Панче, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за  двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. 

Обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски. 

На судењето денеска во Кривичен сведочеше Велибор Манев кој е обвинет како соизвршител. 

Освен што кажа дека тој заедно со Кешишев ја ископал дупката со цел да се чуваат грабнатите лица и да потоа да се пуштат на слобода откако ќе се изврши наплата, рече и дека Палчо влетал и испукал куршум.

- Јас ја копав дупката, заедно со Влатко Кешишев. Целта беше да се чуваат грабнатите лица и да се пуштат откако ќе се изврши наплатата. Првично требаше Панче Жежовски да биде грабнат, да биде спуштен внатре врзан со синџир за бетонски столб, да се искористи неговото возило за грабнување на особо, жена од 38-40 годишна возраст. Откако ќе се грабне таа, да се направи замена. Панче да се пушти да си замине со колата, а жената да биде чувана додека не се изврши наплата. Дупката беше ископана една година претходно.Палчо рече дека објект тешко може да се најде, некоја земуница (дупка) каде што ќе можеме да ги чуваме грабнатите. Откако заедно го најдовме местото одлучи тука да се направи дупката и ја оставивме природата да ја замаскира сама. За одлуката за грабнување на Панче, околу месец и пол, Палевски бараше некоја кола необележана, крадена, за да може со неа да го извршиме грабнувањето. По негов предлог баравме пензионер сам, да му ја искористиме колата и потоа да го пуштиме. Му кажав дека има еден таков кај мене, што ми го земал лебот, па да го искористиме него. На почетокот бевме ние тројца, а би фалеше уште еден. Боре беше постојано со мене, му предложив и отиде да разговара со Палчо да се приклучи како четврти член на групата", вели тој.

Потоа во своето сведочење појасни како го грабнале Жежовски.

-Го грабнавме на 23 ноември. На 22- ри дојдоа Влатко и Палчо за да Палевски го провери местото дали може да се изврши грабнувањето. Отидовме, го виде, и одлучи наредната вечер да го грабнеме. Наредниот ден, во раните утрински часовх, кога дојдоа пиевме кафе и кон 5.30-6 часот тргневме да го земеме Панче. Инаку, снимките што ги гледавме, од моите камери, не се совпаѓа со ова време. Отидовме кај куќата на Панче, јас Боре и Палчо. Кешишев го зема ,,реното гангу” и не чекаше кај пругата. Мислевме сам ќе излезе и чекавме до 7.45 часот. Не излезе, па Палчо преку моторола рече да му тропнеме на врата и тука да се врзе и да се земе. Јас не можев да се појавам бидејќи ме познава, ми го познава гласот. Одлучи Боре да тропне на вратат и да го бутне, а ние да притрчаме и да го врземе. Боре постапи така како што му кажа Палчо. Го бутна и Палчо влезе во предсобјето и бидејќи Панче викаше, јас се доближив, му ја ставив раката на устата. Бевме со маски, не не позна никој. Почнав да му ги врзувам рацете, а Палчо влезе во куќата. Го зема неговиот телефон, ги извади клучевите, а на нив беа и клучевите од возилото. Палчо отиде да ја запали колата, а ние го однесовме Панче да го ставиме во гепек. Се симнавме каде што не чекаше Кешишев. Додека сме го ставале горивото, Палевски го фрлил телефонот на Панче во долот. После тоа се упативме према копаната земуница, да го спуштиме долу. Поминавме покрај Романтик, по стариот пат за Скопје и кон местото Рудник. Кешишев и Палчо беа во ,,реното кангу”, а јас и Боре во колата на Панче. Го изнесовме Панче од колата, го донесовме до самиот отвор на земуницата. Му ги одврзавме рацете, за да можеме да го спуштиме по скалите. Тука не напоменав само дека Кешишев и возилото останаа 300-400 метри подалеку, а Палчо дојде со нас, во ,,цитроенот”. Откако се навеснав да го одврзувам, Палевски влета наеднаш, и му испука куршум во слепочница. Јас останав без зборови, срипав и излегов надвор од шумичката. Бев во ситуација пред колабирање. Се тресев од тоа што го видов. Го видов и Боре како излегува молчешкум од местото, а Палевски го преврте Панче со се церадата во дупката. Потоа дојде до мене и го прашав зошто ова, не требаше вака. Тој ми вика, вака е почисто, нема што да се секираш. Му реков дека не сакам вака да продолжам, зошто за такво нешто не сум ни помислил. Ми рече, го цитирам:,,Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија”, рече тој.

 

 

 

На изминатото рочиште одбраната на Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри. Воедно, побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата. Судот по однос на ова барање треба да се произнесе денеска. 

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

12.03.2025 - 11:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега