Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на законите од петтиот пакет економски мерки

Претседателот, Стево Пендаровски, ги потпиша указите за прогласување на законите од т.н. петти пакет економски мерки што денеска беа усвоени во Собрание.

„На македонската јавност ѝ е добро позната заложбата на претседателот Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата. Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Во однос на уставноста и законитоста во работењето на Собранието, се додава во соопштението, претседателот на државата нема надлежност истата да ја преиспитува, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд.

Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи.

„Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија“, се наведува во соопштението.

МАКФАКС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.04.2021 - 23:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега