Пендаровски објасни зошто не го потпиша Законот за игри на среќа: Ако сакаме да одиме во ЕУ мора да се однесувами како Европјани

Шефот на државата не го потпишал Законот за игри на среќа поради начинот на негово носење, а не поради содржината. Одговарајќи на новинарско прашање во Државниот универзитет во Тетово вели дека сега Законот мора да оди во редовна постапка.

„После мојата вчерашна одлука Законот не може повторно да влезе со европско знаме, туку треба да оди во редовна процедура. Штом ќе се случи потоа? Како што вели Уставот, ако со 61 глас го донесат денес, денес ќе го потпишам. Европската комисија од Брисел праќа писмо до Владата и вели: „Во процедура во Собрание имате Закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема“. Меѓутоа пратениците го усвоија тој Закон. Пред неколку денови европскиот амбасадор Гир доаѓа кај мене и вели: „Ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме“. Значи, никој не спори дали Законот е добар или е лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Ако сакаме да одиме во Европска Унија, мораме, пред да станеме членки, да се однесуваме како прави европјани“ изјави претседателот Стево Пендаровски.

Шефот на државата е убеден дека Законот мора да оди во редовна постапка и преку расправа во Законодавниот дом да се увиди дали тој е добар или лош.

„Законот мора да оди во редовна процедура и расправата за него да не трае само два-три дена. Јас не навлегувам во тоа дали Законот е добар или лош. Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас“, додава Пендаровски.

Прашан дали повторно ќе се кандидира за претседател и дали очекува поддршка од ДУИ откако им го врати Законот за игри на среќа, тој не одговори конкретно дали ќе се кандидира, туку кажа дека одлуката ќе биде донесена од страна на партијата за 5 до 10 дена.

Законот го гласаа 55 пратеници. Од тие 55 пратеници за Законот гласаше комплетната пратеничка група на СДСМ, па треба да ме прашате дали очекувам поддршка и од СДСМ.“, рече Пендаровски.

14.02.2024 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега