Перу: Исчезнат планинар пронајден мумифициран во мраз по 22 години

 

Сочуваното тело на американскиот планинар, кој исчезна пред 22 години додека се искачуваше на снежниот врв во Перу, е пронајдено по топењето на мразот предизвикано од климатските промени, соопшти денеска полицијата.

Вилијам Стампфл беше пријавен за исчезнат во јуни 2002 година на 59-годишна возраст кога лавина ја затрупа неговата група алпинисти на планината Хуаскаран, висока повеќе од 6.700 метри. Пребарувањето не даде резултати.

Перуанската полиција соопшти дека неговите останки биле откриени со топење на мразот на планинскиот венец Кордилера Бланка на Андите.

Телото на Стампфл, како и неговата облека, појасот и чизмите, беа добро сочувани од студот, сподели полицијата.

Меѓу работите бил пронајден и неговиот пасош, што ѝ овозможило на полицијата да го идентификува телото.

Планините во североисточниот дел на Перу, дом на врвовите покриени со снег, како Хуаскаран и Кашан, се омилени меѓу планинарите од целиот свет.

Во мај таму беше пронајдено тело на израелски планинар, речиси еден месец по исчезнувањето.

Минатиот месец искусен италијански планинар беше пронајден мртов кога падна додека се обидуваше да се искачи на друг врв на Андите.

09.07.2024 - 14:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа