„Плачам во соблекувална, се распаѓам“ - легендарниот Тевез ги доживува најтешките денови од својот живот
Прославениот аргентински напаѓач Карлос Тевез моментално го поминува „пеколот“ во својот живот.
Фудбалерот на Бока Јуниорс признава дека сè потешко и потешко го поднесува фактот што неговиот татко се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба.
Раимундо Тевез е заразен со коронавирусот и неговата клиничка слика е многу лоша. Веќе 45 дена се наоѓа на интензивна нега, а пред само неколку денови состојбата му се влошила.
„Многу ми е тешко, емоциите се помешани. Понекогаш сум добро, а понекогаш плачам во соблекувалната на полувреме“, изјавил Тевез за „ESPN“, па додал:
„Ова се тешки времиња. Одам да го посетам татко ми во болница, а потоа морам да бидам силен и да играм фудбал“.
Навивачите на Бока направиле огромен транспарент за поддршка на Тевез, а тоа особено го погодило асот:
„Тоа ми ја исполнува душата, кога ќе стапнам на терен и го гледам тој натпис. Важно е само дека уште сум јак, благодарение на луѓето во мојот клуб и моето семејство кое што ми помогна да не се распаднам. Морам да продолжам да се борам“, вели Тевез.
Инаку, биолошкиот татко на напаѓачот бил убиен пред Тевез да се роди. Раимундо и неговата сопруга го посвоиле Карлос и го одгледале како сопствено дете.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа