Плусинфо: ДУИ преку свои медиуми го нападна Пендаровски зашто не го потпиша Законот за игри на среќа

 

По директна насока од ЕУ и документ испратен до претседателот во кој Европската Унија потврдува дека Законот за игри на среќа нема никаква врска со ЕУ регулативите и хармонизацијата, претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Законот за игри на среќа. Тој во своето образложение до Собранието вели дека е злоупотребена процедурата и скратена можноста за дебата преку користење на европското знаменце за Закон кој согласно официјалните ставови на ЕУ, не смеел да се носи по оваа постапка, реагираат од Асоцијацијата за спортски обложувалници (АСОМ).

Повикувајќи се на официјалните документи кои стигнале до претседателот, тој одлучи да му препорача на Собранието овој закон да го врати во редовна постапка со цел овозможување на широка дебата и носење на подобар закон кој треба да ги помине сите собраниски филтри. Ова очигледно длабоко ја вознемири ДУИ и порталите блиски до нив кои во оркестриран напад го нападнаа претседателот дека наводно застанал во одбрана на игрите на среќа.

Но, што всушност се крие зад оваа нервозна реакција?

Со месеци наназад е јавна тајна дека Артан Груби и ДУИ се иницијатори на овој закон кој треба да помогне во мастер планот на ДУИ да го преземе бизнисот во оваа доходовна индустрија, коментираат од индустријата за игри на среќа. Под превезот на заштита на малолетниците, ДУИ одамна работи на оваа стратегија за што силно беше критикуван од албанската опозиција. Самата постапка пак, односно ставањето на ЕУ знаменцето, наиде на критики од евроамбасадорот Дејвид Гир и други амбасадори во земјава. Но, оваа операција очигледно беше единствено изводлива за ДУИ, ако законот одеше по кратка постапка со ЕУ знаменце во Комисијата за европски прашања со која раководи токму Арбер Адеми. Оттаму не е ни чудно зошто овој очигледно спорен пат го избра ДУИ во носењето на овој закон.

ДУИ длабоко навлезена во Државна Лотарија

Согласно сите изјави на опозицијата, но и бројни медиумски анализи и истражувања, лица блиски до Груби се длабоко инфилтрирани во Државна Лотарија. Како резултат на тоа, неодамна се отвори Нова Државна Лотарија со која раководи човек од кабинетот на Груби. Покрај ова, Државна Лотарија распиша и оглас за три нови компании кои ќе приредуваат игри на среќа на интернет. Познавачите велат дека преку овој нов закон, Груби се обидува да ги легализира претходно нелегалните постапки во Лотарија за отворање на новата видео лотарија и компаниите за онлајн обложување. Се шпекулира и дека постојат активни судски случаи кои ја спорат постапката за отворање на новата видео лотарија, па Груби се обидува да го донесе законот како би можеле по тој нов закон да работат. Неодамна дел од партиите од македонската опозиција го обвинија Груби дека зад превезот на некакво оддалечување на казината од училиштата, тој всушност ги крши процедурите и го злоупотребува ЕУ знаменцето за свои лични цели. Тие го потсетија доскорешниот прв вицепремиер дека законите не важат ретроактивно и дека за злоупотребите кои се направени во Лотарија кога-тогаш ќе има одговорност.

Откако Пендаровски по препорака на ЕУ одлучи да не го потпише законот, станува неизвесно неговото носење. Сега одлучува Претседателот на Собранието дали ќе го врати во редовна постапка како што сугерира Пендаровски или владините партнери ќе се обидат уште еднаш да го изгласаат со мнозинство од 61 пратеник. Ваквата постапка несомнено лошо би одекнала во ЕУ која недвосмислено до Пендаровски порача дека овој Закон нема допирна точка со усогласувањето со ЕУ легислативата и не треба да се носи во оваа постапка.

Извор: ПЛУСИНФО

13.02.2024 - 23:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега