Победата на Трамп ќе ги прекине кривичните постапки против него
Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во основа ќе ги прекине кривичните постапки против него, барем на четири години колку што ќе биде во Белата куќа.
Последната правна пречка го чека на 26 ноември во Њујорк пред службеното враќање во Белата куќа на 20 јануари, а тоа е изрекување казна во единствената од четирите кривични постапки што неговите адвокати не успеаја да ја одложат.
Судот во Њујорк на 30 мај го прогласи за виновен за фалсификување документи пред изборите во 2016 година. Теоретски, тој се соочува со затворска казна до четири години.
Аферата се однесува на исплата на 130.000 долари, под превезот на правни такси, на ѕвездата на порнографскиот филм Сторми Даниелс, за да ја замолчи поради сексуалната врска во 2006 година. Доналд Трамп негира се.
Според експертите, сега се чини многу неверојатно судијата Хуан Мерчан да му изрече затворска казна, во случајот со првата казнена пресуда, со оглед на непремостливите практични тешкотии што би предизвикале затворање на избраниот претседател.
Што се однесува до двата федерални случаи кои се водат против него, работите се кристално јасни барем за следните четири години од неговиот нов мандат.
Републиканскиот кандидат кон крајот на октомври предложи дека доколку биде избран за претседател, ќе го „отпушти“ специјалниот обвинител за двата случаи, Џек Смит, кој беше назначен од Мерик Гарланд, државен обвинител на актуелната демократска администрација.
„Би го отпуштил за две секунди“, рече Трамп во интервјуто, во одговор на прашањето дали ќе се помилува себеси или ќе го отпушти специјалниот советник Џек Смит.
Двата случаи што ги истражува посебен тужител се фокусираат на наводните незаконски обиди на Доналд Трамп да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година и задржувањето на доверливи документи по заминувањето од Белата куќа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа