Поранешниот претседател Иванов на форум во Германија
Во периодот од 3 до 6 март 2025 година, поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, учествуваше на два значајни настани во Потсдам, организирани од Институтот за културна дипломатија во Берлин и Kлубот Скопје: Берлински економски форум 2025 и Берлинската иницијатива „За дипломатско решение на израелско-палестинскиот конфликт", што се одржа во рамките на форумот, информираат од неговиот кабинет.
Иванов го отворил овој форум и во обраќањето истакнал дека денес сме сведоци на нови геополитички ривалства, на војни кои го потсетуваат светот на опасностите од минатото. Тој посочил дека не успеавме да изградиме свет без војни, туку само се смени нивната форма. Исто така, напомена дека историјата не е само судбина, туку дека таа е избор.
-Заветот на победниците сè уште може да се исполни, но само ако луѓето, лидерите и нациите ја изберат иднината на мирот, напредокот и заедништвото. Ако не учиме од минатото, ќе го повториме. Ако не ја изградиме иднината, ќе ја изгубиме. Одлуката е наша, истакнал Иванов во своето обраќање.
Тој се обратил и во рамките на специјалната сесија посветена на перспективите од балканскиот регион, заедно со поранешни претседатели од земјите од Балканот.
Учесници на настаните биле сегашни и поранешни државни и владини функционери, вклучително претседатели, премиери, министри, гувернери на централни банки, судии, високи претставници на меѓународни организации, бизнис заедница, академици и експерти од различни области и од различни земји.
Во рамките на форумот, Иванов остварил средби со дел од учесниците, при што беа разменети мислења за актуелните глобални и регионални предизвици, улогата на културната дипломатија во градењето мостови меѓу народите, можностите за зајакнување на економската соработка, како и иницијативите за одржлив развој и зачувување на мирот.
Институтот за културна дипломатија од Берлин и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје во 2023 година креираа платформа за дијалог „Клуб Скопје" и се организатори на настанот Форум за културна дипломатија Скопје, што се одржува под покровителство на поранешниот Претседател Ѓорге Иванов. Третиот Форум за културна дипломатија Скопје оваа година ќе се одржи во мај на темата „Одржлив развој и културна дипломатија – поттикнување на глобални партнерства“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа