Порно актерката поради којашто Трамп беше осуден: „Сакам да го видам зад решетки“

 

Сторми Даниелс, поранешната порно актерка во центарот на скандалот поради кој поранешниот претседател Доналд Трамп беше прогласен за виновен во кривична постапка, го повика американското правосудство да го осуди Трамп на затвор.

„Ставете го во затвор“, изјави таа за британскиот весник „Дејли мирор“ во саботата во своето прво интервју по одлуката на судот во Њујорк.

„Верувам дека треба да биде осуден на затвор и општествено корисна работа или да служи како вреќа за бокс во засолниште за жени“, додаде таа.

Сторми Даниелс (45) тврди дека имала сексуална врска со Доналд Трамп во 2006 година, што тој го негира. Непосредно пред претседателските избори во 2016 година, ѝ биле исплатени 130.000 долари за да не зборува.

Трамп беше прогласен за виновен во четвртокот за фалсификување документи за да ги прикрие плаќањата за да ја замолчи Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година.

Поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението, што го прави првиот американски претседател кој е осуден за кривично дело. Трамп (77) негира дека сторил нешто лошо и се очекува да поднесе жалба.

Нему му се заканува максимална казна од четири години затвор, иако другите осудени за такви злосторства често добиваат пократки казни, парични казни или условни казни.

Со оваа пресуда, САД навлегуваат во непозната територија пред изборите на 5 ноември, кога Трамп, републиканскиот кандидат, ќе се соочи со актуелниот претседател, демократот Џо Бајден.

„Сведочењето на суд беше толку страшно, а поротниците гледаа во мене“, рече Даниелс, „но како што реков претходно, јас цело време ја кажував вистината“.

Сведочењето на поранешната актерка во 18+ филмови беше еден од главните настани на судењето.

„За мене не е готово, за мене никогаш нема да биде готово“, изјави таа.

„Иако Трамп беше прогласен за виновен, сепак морам да живеам со тоа“, изјави поранешната актерка, чие вистинско име е Стефани Клифорд.

 
02.06.2024 - 15:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега