Потенцијален инвеститор сака да вложи милијарда евра во когенеративни централи

 

Владата разговара со потенцијален инвеститор кој сака да вложи милијарда евра во когенеративни централи. Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека тоа нема да биде како досега, по принципот на стратешки проект.

-Токму од овде одам на состанок во Владата со потенцијален инвеститор којшто сака да инвестира една милијарда евра во ваков тип на производни капацитети. Тоа нема да биде по принципот како до сега како што беше оној специјален закон стратешки проект во Парламентот на одење минатата влада што го достави по привилегирани цени итн. се ќе биде по пазарни услови. Преговори со инвеститори каде што моја цел е и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата инвестиција нормално со пари - со земја, со приклучоци, со слично затоа што цениме дека приватните инвеститори коишто имаат пристап до овој ресурс како што е гасот можат на многу поедноставен начин и пофлексибилен начин да го донесе тука отколку државата. Така што, ќе видиме како ќе завршат овие преговори и ако биде се’ како што треба овој процес нема да биде преку ноќ, но ќе почнеме здравје боже во текот на идната година. Очекувам во период до три години сето ова да се заврши, рече Мицкоски.

Единствен начин за државата да делува во намалување на аерозагадувањето, според Мицкоски, е промена на начинот на загревање. 

Единствен начин за да делуваме веднаш е во оние средини каде што се користат дрвата или друг начин на затоплување најчесто дрвен отпад, неретко и гуми. Не се тие корисници виновни, едноставно социјалната состојба е таква да бидат приморани да тоа го користат, биде заменето со друг енергенс којшто е прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до централно затоплување најевтино – преку градба на когенеративни гасни постројки коишто во текот на зимата кога ни треба ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено ќе произведуваат топла вода која што преку топловоди ќе биде дистрибуирана до тие средини коишто денеска користат сосема поинаков енергенс којшто за жал емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот којшто влијае врз загадувањето, рече Мицкоски.

 

14.11.2024 - 13:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега