Прекината седницата на Советот на Град Скопје, поради препукувања меѓу Славевски и Арсовска

 

Денешната седница на Советот на Град Скопје беше прекината поради меѓусебни препукувања меѓу претседавачот на Советот, Трајко Славевски и скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Откако до денешната седница службите не му го вратија копчето со кое може да го вклучува и исклучува микрофонот на говорницата во пленарната сала на Советот, доколку советниците не се придржуваат на дневниот ред и Деловникот за работат, Славески го зема микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса.

По ова избувна жестока расправија меѓу Славески и градоначалничката Арсовска, која упати навредливи зборови кон Славевски, нарекувајќи го „Хитлер“, „деспот“, „тиранин“ и „крадец“.

– Господине Хитлер не ви доликува да го правите овој циркус во овој Совет. Навистина е недолично тоа што го правите. Прво го кршите Уставот, потоа сте ситен крадец и сте човек кој краде и не е во ред тоа што го правите. Крадете. Тој микрофон е сопственост на Град Скопје и на службите, му рече Арсовска на Славевски, по што тој ја прекина седницата.

Претседавачот на Советот на Град Скопје пред почетокот на денешната седница и утврдувањето на дневниот ред, јавно го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира откако пред две седници беше поставен нов систем со кој претседателот на Советот веќе нема копче со кое може да интервенира односно да ги исклучува советниците кои не се придржуваат до точките дневниот ред и говорат на теми надвор од нив.

По прекинот на седницата, со реакција излезе Град Скопје, истакнувајќи дека скопската јавност уште еднаш била „сведок на самоволието, некултурата и немањето на доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славевски“.

– Во ниту еден случај, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи. Невидено и недозволено е, 45 советници, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славевски кој денес ја одложи седницата за советнички прашања, бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор. Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек, кој има една, единствена и основа задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски, се вели во реакцијата на Град Скопје.

Оттаму повикуваат Трајко Славевски да поднесе неотповиклива оставка од функцијата, „со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на Градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски“.

– Против претседавачот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа, поради тешки прекршувања на Уставот во член 16, Законот за локална самоуправа во член 48 и Деловникот на Град Скопје во член 57, наведуваат оттаму.

Од Советничката група пак на ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека се згрозени од „недоличното однесување на Арсовска“.

– Згрозени сме од недоличното однесување на Данела Арсовска, која како градоначалник, наместо како пример за добро однесување и управување, е пример како не смее да се однесува јавен функционер. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ го поддржува правото Славески да го спроведува деловникот дословно. На македонската јавност и е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град. ВМРО-ДПМНЕ не сака и нема да биде дел од циркузот на Арсовска, наведуваат од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

08.11.2022 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега