Претседателката од Софија: Внесувањето на Бугарите во Уставот не зависи од мене

„Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија не зависи од мене. Да сум апсолутен монарх, можам да кажам ќе го сменам Уставот. Пратениците ги претставуваат граѓаните кои гласаат по сопствено уверување. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но разговаравме за сите прашања. Велам разговаравме. Ние не може да донесеме решение кое ќе го наметнеме“.

Ова го изјави претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, по средбата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, објави БГНЕС.

„Факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но факт е дека дијалогот е клучното решение“, рече претседателката.

Се обединивме околу најважното – европската интеграција, околу копенхагенските критериуми, околу регионалниот пристап кон решавање на проблемите, околу тоа дека нема да ги повториме грешките и ќе трагаме по компромисот и единственото решение, без никој да се чувствува повреден и без никој да мисли дека е заборавен“, додаде Силјановска.

Таа изрази сочувство за двајцата пилоти кои денеска загинаа во несреќата во воздухопловната база Граф Игнатиево.

„Сакам да започнам со изразување на моето најдлабоко сочувство за авионската несреќа и за двајцата пилоти кои загинаа. Да бидам искрена, дури и слушањето на операта Набуко во ваков амбиент, добива нова димензија. Целосно разбирам дека претседателот (Радев) и неговата сопруга не можат да ме придружуваат на операта. Уште еднаш се докажа дека не сме случајно први соседи, судбината решила да живееме заедно. Уште еднаш се докажа дека зборот е најважен во Библијата, дека кога ќе седнете да разговарате, водени од добра волја, ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни одлуки. Не сум случајно овде, дојдов да разговараме. Сега се разбира дека очекувам претседателот (Радев) да дојде во Скопје. Убедена сум дека по денешниот разговор во една дебатна, пријатна атмосфера, дека ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека тоа ќе се случи утре, но важно е да се започне. Сигурна сум дека, како што честопати велам, мислата може да биде побрза од светлината. Ако се слушаме, се почитуваме и имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, рече претседателката Силјановска-Давкова, објави БГНЕС.

Таа додаде дека не е одреден датумот кога би можел Радев да дојде во Скопје.

13.09.2024 - 17:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега