Прилог кон дебатата за промена на Деловникот на Собранието
Парламентите, како и сите други институции во државите подлежат на истите мерки за заштита на јавното здравје за време на пандемијата предизвикана од појавата на корона вирусот. Консеквентно на споменатото, улогата на законодавниот дом во време на кризи од ваква природа е дотолку поголема бидејќи таквите состојби налагаат, меѓу другото и усвојување на законски акти со кои треба да се создадат правни претпоставки за подобар одговор на државата во справувањето со последиците од постоењето на овие вонредни состојби. Во оваа смисла, компаративните искуства на парламентите се сведуваат на три можни ситуации:
• Прво, парламенти кои продолжуваат да функционираат со физичко присуство, но со ограничувања кои вклучуваат одржување на помалку седници, како и примена на други механизми со кои се обезбедува физичка дистанца на пратениците и на администрацијата во парламентарната зграда.
• Второ, парламенти кои продолжуваат да функционираат, но со примена на технологии за работа од далечина. Тука, компаративните искуства укажуваат дека се јавуваат реални проблеми поврзани со обезбедувањето на соодветна техничка инфраструктура и административен капацитет, како и проблеми поврзани со постоењето на правен основ за реализација на таквата одлука.
• Трето, парламенти кои не се состануваат. Ова може да биде случај, на пример, кога парламентот е на пауза, па секако и во нормални околности не би се состанувал. Во оваа смисла, исто така, одредени парламенти заради пандемијата одлучуваат да направат пауза порано од планираното откако претходно изгласауваат поголем број итни мерки, како во Обединетото кралство. Конечно, постојат и трети примери каков што е случајот со Нов Зеланд, кога се менуваат правилата за работа на законодавната власт, според кои за време на пандемијата, во постојано заседание наместо целиот дом е Специјален комитет составен од помал број на пратеници формиран на паритетна основа.
Имајќи го во предвид споменатото, во врска предлогот за промена на Деловникот на Собранието на Република Македонија со кој се предвидува пратеник да може да учествува и да гласа на пленарна седница по електронски пат, сакам да споделам две покарактеристични статистики, краток осврт и еден компромисен предлог со кој сметам дека може да се обезбеди пошироко натпартиско мнозинство кое е многу важно за вакви промени.
Статистика
Според податоците на Меѓународната парламентарна унија, организација која ги обединува претставничките тела во целиот свет, преку примерот на законодавните власти во Европската унија (ЕУ), може да се извлечат најмалку два корисни заклучока.
• Прво, од 27 држави-членки на ЕУ, 12 држави не дозволуваат во ниту еден случај активностите на законодавната власт да се одвиваат по електронски пат, додека 15 држави тоа го дозволуваат.
• Второ, од тие 15 држави-членки на ЕУ кои дозволуваат работа од далечина, само 10 овозможуваат и да се гласа од далечина, како што е предвидено со предлогот за промена на Деловникот на Собранието на Република Македонија. Тие држави се: Полска, Шпанија, Романија, Грција, Белгија, Чешка, Хрватска, Луксембург, Естонија и Латвија.
Осврт
Иако постои објективна околност поврзана со пандемијата предизивкана од корона вирусот за промената на Деловникот на Собранието, сепак, судејќи според односот на СДСМ и на ДУИ во минатото, сосема објективни се стравувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ова право може да се злоупотреби, особено сега кога власта има многу мало парламентарно мнозинство. Од друга страна, пак, во врска со дилемите за можна неуставност на предлогот, треба да се остави во иднина за тоа да се произнесе Уставниот суд.
Предлог
Имајќи го во предвид споменатото, сметам дека може да се увиди една можност за компромис доколку се постапи, меѓу другото, и на следниот начин:
• Прво, опозицијата да побара дополнителни заштитни механизми кои во форма на амандмани би се вметнале во предлогот за промена на Деловникот, а за возврат да го одблокира овој процес.
• Второ, власта со оглед дека станува збор за прашање за кое е неопходен натпартиски консензус, има демократска обврска да пристапи крајно сериозно кон оваа подадена рака на опозицијата. Во спротивно, СДСМ и ДУИ, ќе ги зајакнат уште повеќе сомнежите за постоењето на изразени недемократски елементи во процесот на нивното заедничко раководење со државата.
• Трето, таков заштитен механизам кој би бил основа за поширок натпартиски консензус би можел да биде барањето за учество на пратеник на пленарна седница по електронски пат да се разгледува на координација на кординаторите на партеничките групи, а одлуката да се носи едногласно.
проф. д-р Александар Спасеновски,
универзитетски професор на УКИМ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа