Продолжува рехабилитацијата на патот Бељаковце-Клечовце
Продолжува рехабилитацијата на регионалниот пат Бељаковце-Клечовце во кумановско, информираа денеска од Јавното претпријатие за државни патишта. За оваа делница одвоени се 35 милиони денари.
-За делницата Бељаковце-Клечовце отпочнато е со изработка на асфалтен слој во должина од 5.600 метри, односно вградување на планирани 21.300 метри квадратни, соопштија од ЈПДП. Од претпријатието наведуваат дека интензивно се работи во општините на рехабилитација на регионалните патни правци кои поминуваат низ руралните средини.
Во рамките на годишната програма на ЈПДП за 2025 година, поточно преку договорот со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонијапат) се издвојуваат средства и за рехабилитација на регионалните патни правци во општините.
-Годинава во рамките на оваа програма за општина Куманово вкупно се планирани 85 милиони денари за рехабилитација на неколку делници и тоа на патните правци: Р29277 Бељаковце-Клечовце – 35 милиони денари, Р2136 Пчиња-Вак’в – 30 милиони денари и Р1104 Куманово транзит (ул. Никола Тесла) 20 милиони денари, наведуваат од претпријатието.
Оттаму посочуваат дека претходно почна рехабилитацијата на улицата „Никола Тесла“, којашто е транзит низ Куманово на регионалниот патен правец Куманово-граница со Србија.
-На оваа улица планирано е отстранување на стариот асфалт и вградување на нов слој во должина од 1.450 метри со променлива ширина од 6,5 до 9 метри, односно околу 10.000 м2., соопштија од ЈПДП.
По завршувањето на овие делници ЈПДП планира да продолжи со рехабилитација на делницата од Пчиња кон село Вак’в.
Овие градежните активности ги изведува Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат).
-Активно се работи на реконструкција на локален патен правец од с. Бељаковце кон с. Клечовце, инвеститор ЈП за Државни патишта, изведувач ЈП Македонија пат, соопшти и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски
Од ЈПДП информираат дека во годишната програма предвидени се и средства во износ од 300.000.000 денари наменети за трансфер кон единиците на локална самоуправа (ЕЛС) за реконструкција и одржување на локалните патишта и улици. Овие средства се трансферираат согласно со Законот за јавни патишта кон општините по доставената програма за тековната година и извештај за работењето од претходната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа