Прва средба на Лидерската група: Родовата еднаквост е приоритет за целото општество

Во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување вчера, 9 јули 2024 година, се одржа првиот координативен состанок на Лидерската група за родова еднаквост, која во следниот период ќе утврди кои се постоечките капацитети, структури, тела и механизми и со кои политики и мерки може да се унапреди родовата еднаквост во целото општество. 

Со својата работа Лидерската група ќе помогне да се намали поларизираноста на гледиштата за родовата еднаквост во земјата, изнаоѓање решенија за создавање на подобри политики, донесување на одлуки и соодветни законски решенија кои ќе придонесат за унапредување на родовата еднаквост. Во таа насока, охрабрува што во Лидерската група членуваат социјално активни луѓе во земјава од повеќе сектори како претставници на политички партии и носители на јавни функции, креатори на политики, граѓански организации, меѓународни организации присутни кај нас, претставници на академската заедница, бизнис секторот, културата и медиумите. 

Во рамки на проектот е предвидено и да се усвои методологија за Родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ), која ќе ги насочи политиките, застапувањето и имплементацијата и ќе претставува алатка што ќе обезбеди примена на стандардите за родова и социјална вклученост во развивањето на новите политики во иднина. Препораките кои ќе произлезат од овој процес ќе бидат алатка за обезбедување на примена на стандардите за родова и социјална вклученост во развивањето на нови политики од страна на институциите, а преку активно застапување и соработка со сите релевантни сектори, вклучувајќи ги политичките партии, академската заедница, граѓанските организации, медиумите и државните органи.

Лидерската средба за родова еднаквост се организира во рамки на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, кој го спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Британска амбасада Скопје. Проектот има за цел да воспостави и поддржи национална иницијатива за родова еднаквост која ќе ги поткрепи и заштити правата на девојчињата и жените во Северна Македонија преку поттикнување дискусии и соработка на лидерската група за родова еднаквост и преку застапување и усвојување на родово засновани политики.

10.07.2024 - 09:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега