Прва транша од 2,2 милијарди евра од ОК: Николоски најавува историски услови за Македонија

 

Првата транша на средства ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра за проекти и тоа ќе бидат под најдобри услови и со најголема рочност на отплата под кои што Македонија било кога ги добила, вели во интервјуто за МРТВ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
 
“Очекувам за месец-месец и половина од денес да можеме да излеземе со точни податоци пред македонските граѓани во однос на тоа колку средства ќе користиме и под кои услови, но можам да кажам дека првата транша ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра и можам да кажам дека тоа ќе бидат најдобри услови кои што Макеоднија било кога ги добила за вака голема сума. Едно да повлечете милион, два, пет милиони евра, друго е да повлечете две милијарди евра за старт, до 6 милијарди евра  потенцијал. Во моментов Македонија на меѓународниот финансиски пазар не може да обезбеди повеќе од 175 милиони евра, тоа е максимум што сме добиле за поединечен проект за финансирање, тоа е за коридор 8 за третата делница за железницата, тоа е максимум. Сега зборуваме за 2, 2 милијарда евра и јас гарантирам ќе добиеме најдобри можни услови со најдолга рочност на отплата што Македонија било кога ги видела”-  истакна вицепрeмиерот Николоски.
 
Тој потенцира дека овие средства се исклучиво за проектно финансирање, односно за реализаија на капитални проекти кои носат додадена вредност.
 
“Не зборуваме за  фрлање во ветер за ликвидност, за социјална помош итн. Зборуваме за проекти кои треба да носат развој во Македонија и неколкукратно ги враќаат парите нанапред во децениите кои доаѓаат. Кога работите проект потребно е да имате четири чекори за да биде успешен. Прво да имате јасна визија за проектот и што тој би донел. После тоа да направите правна рамка за реализација, врз основа на правната рамка да обезбедите финансирање и врз основа на тоа треба да се изведе Изведувач кој ќе го изработи на најдобар можен начин и време. Ние во моментов го затворивме вториот чекор, проектите ги имаме, сега ја затворивме правната рамка. Договрот Влада со Влада покрај политичкиот дел ни е потребен заради правна рамка за соработка со Велика Британија но и правна рамка за реализација на проектите, бидејќи ако го прочитате Договорот јасно ќе видите во кој сектори ќе се работат проекти.  Сега одиме во трета фаза, а тоа е обезбедување на финансии и кога ќе ги обезбедиме финансиите ќе одиме во четврта фаза во избор на изведувач и завршување на проектите”- вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

 

23.05.2025 - 20:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега