Првиот човек на НАТО: Путин не би се осмелил да нападне наша членка

 

Рускиот претседател Владимир Путин не би се осмелил да нападне земја-членка на НАТО, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на Минхенската безбедносна конференција.

Руте рече дека е оптимист за односите меѓу Европа и САД. Тој исто така изјави дека не верува оти Русија ќе нападне земја од НАТО, но предупреди дека доколку се осмели да го стори тоа, НАТО ќе одговори со сета своја цврстина и сила. Подвлече и дека САД и Европа остануваат на истите позиции за иднината на Украина.

„Имаме јасен заеднички став дека Украина треба да ја има најдобрата можна почетна позиција во мировните преговори, дека треба да продолжи испораката на оружје и обуката на украинските војници, но и дека исходот од мировните преговори треба да биде дека Украина е суверена држава која никогаш повеќе нема да биде нападната од Русија, од Владимир Путин“, рече генералниот секретар на НАТО.

Во исто време, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека ќе ги охрабри американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски да го продлабочат своето партнерство во иднина.

Лами рече дека најдобрата гаранција за безбедноста на Украина од идната руска агресија е вклучувањето на американската индустрија, бизнис и одбранбените капацитети во нејзината иднина.

 
16.02.2025 - 10:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега