Путин: Актуелните светски проблеми почнаа по распадот на Советскиот Сојуз

 

 

Современите меѓународни проблеми почнаа по распадот на Советскиот Сојуз, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин одговарајќи на прашање на еден од вработените во фабриката за авиони во Улан-Уде при посетата на таа компанија.

„Се разбира, сите проблеми почнаа по распадот на Советскиот Сојуз. Тогашниот светски поредок по Втората светска војна го изградија земјите што победија во таа војна“, рече Путин.

Тој потсети дека државите тогаш „ги поделија зоните на своето влијание меѓу себе и не се мешаа една со друга“.

„Се разбира, имаше доволно проблеми, вклучувајќи ја и кризата на Карибите, но сепак СССР и САД коегзистираа“, рече тој.

Путин нагласи дека биполарниот светски систем почна да се урива по распадот на Советскиот Сојуз кога геополитичките интереси за Западот станаа поважни од конфронтацијата со Советскиот Сојуз.

Тој рече, како што јави „Тасс“, дека неговата земја со децении трпеливо се обидувала да ги нормализира односите со Украина, но ситуацијата се променила по државниот удар во 2014 година.

„Со децении трпеливо се обидуваме да ги нормализираме односите со модерната украинска држава“, рече Путин.

„Ситуацијата драматично се промени во 2014 година кога имаше државен удар поттикнат од Западот“, рече Путин.

Според него, Русија во односите со Украина се потпирала на оние што се сметале за дел од големиот руски свет, но во 2014 година почнало нивното истребување.

„Ние се потпиравме не само на населението што зборува руски во Украина. Целата земја таму во основа зборува руски. Се потпиравме на оние што се сметаа себеси за дел од големиот руски свет, дел од нашата култура, дел од нашата лингвистичка средина и дел од нашата заедничка традиција. Се потпиравме на овие луѓе“, рече Путин.

Тој нагласи дека „по 2014 година, почна физичкото истребување на оние што се залагаа за развој на нормални односи со Русија“.

Тој потсети дека, кога се појави проблемот со Крим, Русија, едноставно, не можеше да им помогне на тие луѓе, пренесе „Политика.рс“.

 
15.03.2023 - 23:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега