Путин: Приведени се сите одговорни за нападот во Москва

 

Рускиот претседател Владимир Путин се обрати по нападот во Москва, нарекувајќи го пукањето во петокот вечерта (22.3) „крвав и варварски терористички напад“ и рече дека инволвираните се обиделе да избегаат и да преминат во Украина.

„Пронајдени и приведени се сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, сите кои пукаа и убиваа луѓе“, рече Путин.

„Тие“, како што наведе рускиот претседател, „се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница“, тврди Путин.

Путин рече дека се приведени вкупно 11 лица. Безбедносните служби претходно соопштија дека другите седуммина уапсени се соучесници.

Путин го прогласи утрешниот ден, 24 март, за ден на жалост и изрази сочувство до семејствата на загинатите во нападот.

„Терористите, убијците можат да очекуваат само едно, можат да очекуваат казна. Непријателите нема да нè поделат“, рече тој.

Украина претходно ги негираше наводите за каква било вмешаност.

Пукањето се случи во концертната сала „Крокус Сити“ во Красногорск, предградие западно од Москва, по што избувнал голем пожар.

Според последните податоци, во нападот загинале најмалку 115 лица, додека најмалку 140 се ранети.

23.03.2024 - 14:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега