Расадник добива нов паркинг за 130 возила
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во почетните градежни активности за изградба на нов паркинг во Расадник. За десетина дена, на оваа локација, со површина од речиси 1.000 квадратни метри, ќе биде завршен паркинг-просторот, кој ќе овозможи паркирање на 130 возила.
„Се наоѓаме во централното јадро на Кисела Вода, во населбата Расадник, каде што денес почнавме со изградба на нов паркинг-простор, четврти во овој дел на општината за овие две години. Се работи за позиција што ќе обезбеди нови 130 места за паркирање возила бидејќи се простира на речиси 1.000 квадратни метри. Свесни сме дека секогаш постои недостиг од простор за паркирање, па интензивно работиме на изнаоѓање нови локации, кои треба да го подобрат сообраќајот во мирување. Илустративно, за населбата Расадник, ова значи околу 400 нови паркинг-места за овие две години или на ниво на целата општина обезбедивме нови 1.200 места на кои граѓаните може да паркираат. Како раководство на Кисела Вода, сакам да информирам дека ова е стратешка насока која и понатаму ќе ја следиме бидејќи и сообраќајот во мирување е важен фактор за намалување на метежот на улиците и унапредување на квалитетот на животот на нашите сограѓани. Она за што би сакал да апелирам е граѓаните што поседуваат гаражен простор во самите згради, да го користат и со тоа да овозможат новиот простор за паркирање да им биде достапен на оние што немаат сопствени гаражи“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа