Расте бројот на новозаразени, но и на вакцинирани-Активни се вкупно 265 активни случаи на Ковид-19

Надлежните уверуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови. Воедно, апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот. Од Министерството за здравство информираа дека во изминатото деноноќие биле регистрирани 36 нови случаи на заболени од Ковид-19. Во меѓувреме продолжува и теренската вакцинација, која денеска ќе се одвива во 10 населени места во државата. Активни се вкупно 265 активни случаи на Ковид-19.

Министерот за здравство вчера преку објава на својот Фејсбук-профил информира дека рекорден број на дози вакцини се аплицирани во еден ден. Тој посочува дека за 24 часа една доза примиле речиси еден отсто од населението.

– Желбата на граѓаните за вакцинација многу охрабрува. За да му се вратиме на секојдневието кое сите го посакуваме треба колективен имунитет, а тоа значи што поголем број од населението да се вакцинира. Ве повикувам сите кои се уште се двоумите вакцините се безбедни и ефикасни и спречуваат тешка форма на болеста. Вакцинирај се без закажан термин, напиша Филипче.

Според последниот извештај од Министерството за здравство, вакцина досега примиле 800.168 граѓани, а ревакцинирани се 318.900 граѓани. Со последните бројки, како што соопшти Министерството, барем една доза вакцина имаат примено 62 отсто од населението над 70 години, 59 отсто од оние над 65 години, 54 отсто од граѓаните над 60 години и 44 отсто од лицата над 50 години.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.

Од Министерство информираат дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во државата продолжува и теренската вакцинација, денеска во 10 населени места. Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата ќе се одвива на следните места: Тетово – Речица, Г. Речица, М.Речица, Калник, Чифлик; Струга – Д.Белица, Враништа; Битола – Ѓавато, Маловиште; Берово – Смојмирово

Согласно вчерашните податоци од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени вкупно 3.569 тестирања. Од новите случаи на заболени, 15 се во Куманово, Скопје – 7, Тетово – 6, Гостивар – 2, Прилеп, Велес, Штип, Струмица, Кочани и Кичево – по 1. Регистрирани сe 12 оздравени пациенти и тоа од Тетово се пет, Скопје – 4, Битола – 2 и Свети Николе – 1.

Досега во земјата се направени вкупно 944.747 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.017, бројката на оздравени пациенти е 150.263, на починати е 5.489. Вкупно има 265 активни случаи.

 

 

24.07.2021 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега