Реконструкцијата на Универзална ќе продолжи откако ќе завршат испитувањата на ИЗИИС и Градежен факултет

 

Реконструкцијата на Универзалната сала нема да продолжи веднаш по увидот. Надлежните ќе мораат прво да извршат испитувања на челичната конструкција која практични е единствениот нов дел од објектот.

На брифинг со новинарите во Министерството за култура, надзорникот Љубин Макаровски и сопственикот на фирмата изведувач, Лазар Арсоски појаснија дека во пожарот настрадале стари азбести плочи, делови од внатрешноста на салата, табли, завеси… Сето тоа требало да биде дислоцирано од објектот. Но договорот кој досега го потпишале важел само за првата фаза од реконструкцијата, а сите предмети кои настрадаа требало да се дислоцираат во втората фаза. 

 

 

 

-Ние веќе од 2021 година колку време веќе работиме, некои 4-5 месеци активно, 70 проценти е демонтиран материјалот којшто беше во наша надлежност да го демонтираме и да го исфрлиме шутот. Остана помал дел, кој што е дел од првата фаза како што кажа надзорот, ама е дел од втората фаза. Во глобала во Универзална сала изгореа елементи коишто сите тие треба да бидат дислоцирани од тој објект. Се’ што беше вредно, се’ што имаше некаква вредност за во музеј и за да може да се искористи уште во 2021 година беше извадено од салата. Во глобала во салата беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум. Не баш како што рековте ви ја олеснило работата, не сега ни е многу потешко. Зошто? Затоа што тој е стар челик и е паднат долу. Ние имавме елаборат како да го извадиме новиот челик, а сега треба да се направи нов елаборат да се види на кој начин да се извади, да не направиме проблем – беља, и да се дислоцира од таму. Во глобала, пак ќе повторам, Универзална сала не изгоре, туку изгоре моментот којшто требаше да биде дислоциран – градежните работи коишто требаше да бидат дислоцирани од тој објект, вели Арсоски.

Изведувачот и надзорот имаат различни проекции за тоа кога ќе продолжи реконструкцијата на објектот. Надзорникот Макаровски вели дека тоа може и да потрае, но не даде прецизен одговор.

-Секако оти не зависи од нас. Тоа зависи сега, прво да се направи некое испитување што и како настанало таму, веројатно ќе има вештачење и ќе мора да се испита новата постојна конструкција. Тоа ќе го направат институти или кој ќе го прави тоа додека не се покаже дека коегзистенцијата на материјалот, на металот не е нарушена, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку испитувањето го покаже спротивното тоа што е нарушено ќе се демонтира и ќе се почне со нова конструкција. Не зависи од нас. Зависи, еве МВР се уште прави увид, записници се уште не се излезени. Сигурно ќе има вештачење нарачано дали од обвинителство или од некои засегнати страни и тие се процес и на крајот ќе треба испитување на целиот материјал. Всушност, на критичниот материјал кој беше нападнат или најизложен на температурата од огнот, вели Макаровски. 

Изведувачот Арсоски, пак, е оптимист. Тој на брифингот кажа дека со сегашната технологија не очекува испитувањата да одземат многу време.

-Секоја штета, значи, договорот каков што е, значи од тој договор нема бегање, нашите две компании секоја штета што е направена на терен што ќе се види и за трети лица ќе ја сносат нашите компании. Новиот објект, еве јас малку ќе бидам пооптимист од надзорот, може брзо да се почне. Секоја штета што ја има на оваа челична конструкција ако биде увидена ќе биде заменета со нова и се тоа ќе се среди. Се’ дури е во наше владение проектот ние тоа мораме да го направиме и ќе го направиме. И уште еднаш да објаснам, овој пожар нема жртви, не направи некоја преголема штета на самиот проект и ако има таква ние ќе ја сносиме како последица, рече Арсоски.

Објектот беше зафатен од пожар во вторникот и за само час и половина изгореа се под челичната конструкција. Пожарот во Универзална беше повод за партиски препукувања во изминатите денови за тоа кој повеќе е крив за инцидентот.

 

12.04.2024 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега