Ристо Симеонов: Здравство без хартија е иднината на ефикасен здравствен систем


Здравство без хартија е еден од клучните проекти на опозициската ВМРО ДПМНЕ од програмата за парламентарните избори. Доктор Ристо Симеонов, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, вели дека оваа идеја ќе овозможи брза трансформација на здравствениот систем во ефективноста.

-Секој пациент на својот мобилен телефон, ќе има апликација и ќе си ги организира термините и податоците. Ќе речете не е тоа за секого, секој не се снаоѓа со дигитални услуги. Но, живееме во време кога над 90% од луѓето во Македонија користат паметен телефон, а за оние што немаат телефони или постарите лица кои не се снаоѓаат баш најдобро ќе ги користат истите услугите преку call центар и веднаш ќе бидеме поефикасни и поорганизирани од сега. Тоа е само еден од проектите кои мора да се реализираат, а ќе направат сериозна разлика во квалитетот на здравствена услуга што ја добиваат граѓаните, вели доктор Ристо Симеонов во интервју за Прес 24.

Според него корупцијата, неефикасността и отсуство на одговорност се коренот на катастрофалната состојбата во македонското здравството со децении наназад.

-Секако и тоа што цела Македонија се лекува во Клинички центар во Скопје, имаме долги листи на чекање за сите услуги, а притоа плаќаме најскапи лекови од сите во регионот, специјализантите штрајкуваат, а докторите се иселуваат. Пациентите немаат достапни и квалитетни здравствени услуги, трудници чекаат ред со саати во ФЗОМ за 50% рефундација за купени клексани, пензионерите пола пензија ја оставаат за партиципација по аптеките, сè е тоа последица на корумпираниот систем, на неефикасното и недомаќинско работење и на фактот дека никој никогаш не е повикан да одговара за сите овие постапки и состојби во кои се наоѓа нашето здравство, вели за Прес 24, доктор Симеонов.

Потенцира дека државата мора да направи регионализација, бидејќи не постои здравствен систем кој може да издржи цела Македонија да се лекува во Клиничкиот центар во Скопје.

-Со регионализација ќе се создадат 5 регионални центри Штип, Струмица, Битола, Охрид и Тетово во кои луѓето од тој регион ќе ги добиваат здравствените услуги од терцијарно ниво во или блиску до местото на живеење, вели Ристо Симеонов во интервју за Прес 24.

ПРЕС24: По првиот круг од претседателските избори, како ги толкувате резултатите, дали тие се предизвик, или изненадување?

СИМЕОНОВ: Резултатите, според мене, се показател дека граѓаните сакаат промени и сакаатнконкретни решенија. Има уште еден круг од претседателските и секако следуваат парламентарните избори, но резултатот од првиот круг треба да го сфатиме како предизвик: народот ги задолжува идната влада и идниот претседател да го подобрат квалитетот на животот во Македонија.

ПРЕС24: Здравството, и здравствената политика се едни од фокусите на опозицијата. Што е она што во вашата програма се разликува од програмите на останатите партии?

СИМЕОНОВ: Ги споделив своите искуства и идеи во процесот на креирањето на програмата за здравството затоа што сметам дека е многу важно да имаме проекти кои е неопходно да се реализираат и да донесат подобрување што ќе го почувствуваат граѓаните. На пример, таков е проектот „Здравство без хартија“, сум работел во таков систем, сум видел како функционира, колку ја подобрува ефикасноста и организираноста и не е некоја филозофија да се имплементира, соседна Србија веќе го направи. Сериозна ИТ компанија за 6 месеци може да ја направи комплетната дигитализација.  
Која е придобивката за граѓаните? Замислете одите на преглед само со лична карта не ви требаат сите оние папки со лабораториски резултати, отпусни писма ЦД-ња со снимки. Докторот со внесување на вашиот матичен број во системот веднаш ја гледа целата ваша медицинска историја, сите испитувања и резултати независно во која институција сте ги направиле. Низ тој систем се реализираат упатувањата, закажувањата за дијагностика и операции и одеднаш листите на чекање се транспарентни, нема веќе да ви каже докторот: “Ќе ви јавиме штом пуштат термини, нема термини...имам долга листа на чекање“. Вие како пациент имате право да ја видите листата на секој еден доктор и да видите каде најбрзо може да ја добиете таа услуга. Секој пациент на својот мобилен телефон, ќе има апликација и ќе си ги организира термините и податоците. Ќе речете не е тоа за секого, секој не се снаоѓа со дигитални услуги. Но, живееме во време кога над 90% од луѓето во Македонија користат паметен телефон, а за оние што немаат телефони или постарите лица кои не се снаоѓаат баш најдобро ќе ги користат истите услугите преку call центар и веднаш ќе бидеме поефикасни и поорганизирани од сега. Тоа е само еден од проектите кои мора да се реализираат, а ќе направат сериозна разлика во квалитетот на здравствена услуга што ја добиваат граѓаните.

ПРЕС24: Кои според Вас се три клучни проблеми на здравството?

СИМЕОНОВ: Корупција, неефикасност и отсуство на одговорност се коренот на катастрофалната состојбата во македонското здравството со децении наназад. Секако и тоа што цела Македонија се лекува во Клинички центар во Скопје, имаме долги листи на чекање за сите услуги, а притоа плаќаме најскапи лекови од сите во регионот, специјализантите штрајкуваат, а докторите се иселуваат. Пациентите немаат достапни и квалитетни здравствени услуги, трудници чекаат ред со саати во ФЗОМ за 50% рефундација за купени клексани, пензионерите пола пензија ја оставаат за партиципација по аптеките, сè е тоа последица на корумпираниот систем, на неефикасното и недомаќинско работење и на фактот дека никој никогаш не е повикан да одговара за сите овие постапки и состојби во кои се наоѓа нашето здравство.

ПРЕС24: Имаме ли ние правилна дијагноза за македонското здравство?

СИМЕОНОВ: Дијагнозата е таа, корумпиран, неефикасен систем кој не им служи ниту на граѓаните ниту на здравствените работници, но поважно е што ќе преземеме, како да обезбедиме здравство достапно за сите?

Јас велам со хируршки рез. Мора од корен да се пресечат досегашните практики како што семногу договори во четири очи, листа на чекање во тефтерот на докторот или директно на мобилен преку ред, специјализации по желба, а не по потреба, купување на опрема без едукација на кадар што ќе ја користи, потпишување штетни договори што не се реализираат, а се плаќаат пенали.

ПРЕС24: Зошто досега не успеа ниту една реформа од серијата што се правеа во последните три децении?

СИМЕОНОВ: Здравството со години е предмет на партизација и политички пазар. Се менува министерот, доаѓа со своја гарнитура директори кои наместо да бидат искусни доктори и добри менаџери кои ќе уживаат авторитет кај сите вработени и пациенти тие се бираат по партиски клуч. Секој со своја агенда без грижа за јавниот интерес, не работиме во континуитет туку постојано почнуваме од почеток, најчесто задоволувајќи лични или партиски интереси.

ПРЕС24: Ако зборуваме за терапија за македонското здравство, од кој тип таа би била најсоодветна?

СИМЕОНОВ: Неопходно е регионализација бидејќи не постои здравствен систем кој може да издржи цела Македонија да се лекува во Клиничкиот центар во Скопје. Луѓето, со здравствени проблеми, секојдневно патуваат, губат време и пари, за да дојдат во Клинички центар и не само еден ден туку неколкупати треба да дојдат затоа што не можат сите услуги да ги добијат во истиот ден.

Со регионализација ќе се создадат 5 регионални центри Штип, Струмица, Битола, Охрид и Тетово во кои луѓето од тој регион ќе ги добиваат здравствените услуги од терцијарно ниво во или блиску до местото на живеење. Ќе речете нема кадар, нема опрема. Има кадар, само потребна е организација и прераспределба. Докторите од Клиничкиот центар ќе се ротираат да работат и едуцираат во овие регионални центри во одреден временски период, на пример од 6 до 12 месеци. Не е тоа казна за докторите, тие се пионерите на регионализацијата кои ќе бидат и соодветно платени и наградени за тоа, ќе им се обезбедат сите услови за живот подалеку од дома. Нели е попаметно, поефикасно и поевтино докторот да оди да работи во регионалниот центар отколку илјадници пациенти секојдневно да патуваат кон Скопје? Јас се сеќавам татко ми, кој е хирург во пензија, порано ќе кажеше „Какви добри хирурзи има во Битола.“, а сега сè е запустено. Да не спомнувам што сите оние доктори кои одат да работат во странство, без било каков приговор патуваат по минимум 1 час до работното место, а во нашата држава за најмногу 2 часа ќе стигнеш до најдалечниот град.

Што се однесува до инфраструктура и опремата, секако дека мора да се инвестира, имаме болници во сите градови кои мора да се обноват, да се заврши болницата во Штип, да се опремат соодветно тие регионални центри и да се едуцира кадар кој ќе работи со таа опрема.

Ќе речете „Нема пари“. Здравствената каса тежи 900 милиони евра. Има пари, мора да има пари за здравството затоа што ни треба на сите. Здравјето не е скапо, тоа е бесценето и најважно. Регионализацијата не е нешто што се прави преку ноќ, треба најмалку 5 години, работа и инвестирање за да се видат резултати, но со упорност, посветеност и многу работа може да се реализира и тоа е единствениот начин да функционира здравствениот систем во Македонија.

ПРЕС24: Зошто луѓето немаат доверба во јавното здравство?

СИМЕОНОВ: Додека бев во Турција, мој колега заврши со специјализација и беше испратен да работи во град на сириска граница во време кога беше војната таму. И тој тоа го прифати сосем нормално, здравствениот системот на неговата земја има потреба од специјалист во тој град и негова обврска е да одработи 500 дена по специјализација онаму каде што ќе го пратат. Нема не сакам, не можам, сакам да работам во главниот град итн. Тоа е дисциплината која недостасува кај нас.

Од друга страна, кај нас пред вратата на амбулантата некој чека уредно на закажан термин, друг влегува преку ред оти имал некој познат или имал „само да праша нешто“ и ете гужва, нервоза, неефикасност, незавршена работа. Дополнително многуте ситуации во здравствените институции, за кои дознаваме од медиумите, за кои ниту некој министер, ниту никој друг не презеде одговорност континуирано создаваат страв и несигурност.

Кога нема дисциплина, кога не се бара, ниту превзема одговорност за прекршувањето на редот и за постапките, ни докторите ги почитуваат пациентите, ни пациентите ги почитуваат докторите и оттука недовербата само расте.

ПРЕС24: Вие сте лекар, но сте со политички аспирации. Зошто еден лекар, а ги имале многу досега, би влегол во политички води?

СИМЕОНОВ: Јас го достигнав врвот во кариерата, работев во јавното здравство, ја направив првата трансплантација на орган кај дете во Македонија, се едуцирав и работев во странство, сега сум во приватно здравство, сум работел во различни здравствени системи и сум видел што е добро и што функционира. Сакам добрите работи од светските здравствени системи да ги пресликаме кај нас, да направиме здравствен систем кој ќе нуди квалитетни услуги, достапни за сите. Тоа можам да го направам само како дел од политички систем. Да придонесам со своето знаење и искуство во креирањето на политики кои ќе го направат нашиот систем поефикасен и ќе ја вратат довербата на граѓаните. Јас не сум себичен човек, не сакам да сум среќен само јас, туку посакувам сите да сме среќни. Ќе бидеме среќни ако имаме функционален здравствен систем, а јас можам да помогнам во тоа и чувствувам потреба да го направам тоа. Ја сакам мојата земја, тука живеам со семејството, сопругата ми е доктор, татко сум на 3 деца и сакам да имаме квалитетен здравствен систем.

ПРЕС24: Каков министер за здравство според вас е најсоодветен, од кој профил. Досега имавме најмногу лекари, а резултати слабо?

СИМЕОНОВ: Министерот за здравство пред сè треба да биде човек со интегритет, човек кој не должи никому ништо. Следниот министер за здравство треба да е човек кој е спремен на хируршки резови, отстранување на сите коруптивни и штетни практики кои го разоруваат здравствениот систем, затоа што македонските граѓани заслужуваат коренити промени, брзи и видливи резултати, заслужуваат некој кој деноноќно ќе работи за да се обезбеди квалитетно здравство достапно за сите.

ПРЕС24: Зошто си заминуваат македонските лекари, дали е тоа повеќе тренд европски, или пак е проблем на системот?

СИМЕОНОВ: Да треба да се школувате 6 години, плус 6 години специјализација, да добивате 26 000 денари плата од кои треба да му платите на Медицински факултет 12 000 денари, да живеете и засновате семејство со останатите и да се молите да не се разболите затоа што немате здравствено осигурување, секако дека ќе размислувате да си одите. А ако еден специјализант на петта година ја напушти државава сите губиме. Државата треба да понуди системско решение. Во медицината треба да дадеш за да земеш.

Докторите даваат години од својот живот за да се едуцираат, а државата треба да се погрижи за нивно редовно вработување во болници кои ќе застанат зад нивните специјализации, за повисока капитација за матичните доктори, за поголеми плати според оствареното, да обезбеди грантови за отворање на ординации во рурални средини, можности за доедукација, учење и усовршување на иновативни третмани и интервенции и користење на напредна медицинска опрема. Докторите да се почувствуваат ценети и дека местото им е дома, во Македонија.

29.04.2024 - 12:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа