Родители на деца од градинката „Детска радост“: Згрозени сме од одлуката на Тренчевска да ја врати разрешената директорка повторно на функција

Родители на деца од градинката Детска радост во писмен допис до медиумите велат дека биле згрозени од одлуката на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска да ја врати старата директорка на градинката повторно на функција. За вечер родителите закажале седница, со цел да одлучат кои ќе бидат нивните чекори. 

Во дописот до медиумите, јасно е потенцирано дека родителите сериозно размислувале децата да ги однесат пред ресорното министерство.

Во продолжение ИНТЕГРАЛНО Ви го пренесуваме отвореното писмо на родителите на деца од градинката Детска радост.

„Почитувана Министерка за труд и социјална политика, 

Ние родителите на децата кои секојдневно се згрижуваат во детската градинка Детска радост во клоновите во Автокоманда и Железара ЗГРОЗЕНИ сме од донесената одлука на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска повторно да ја именува разрешената директорка Анета Петровска за директор на градинката на нашите деца. 

Јавно ја прашуваме Министерката Тренчевска: 

Дали почитувана Министерке, Вие би ги пуштиле Вашите деца и Вашите внуци да посетуваат градинка која ја води директорка за која изминатиот еден месец во јавноста видовме документи и докази за сторено кршење на многу закони? 

Дали почиутвана Министерке, Вие би дозволиле за Вашите деца да се грижи некој што не почитува Закон во неговата работа? 

Зошто почитувана Министерке, преку грбот на нашите деца ги спроведувате Вашите политички битки? Зошто откако ги одземавте надлежностите, не именувавте друго лице за директор на градинката, туку ја вративте разрешената директорка? 

Почитувана јавност, 

Нашите деца не се предмети па со нив да си поигрува Министерката, општината ниту пак било кој. 

Изразуваме СЕРИОЗНА ЗАГРИЖЕНОСТ за нашите деца кои од утре треба да ги пуштиме да посетуваат градинка која ја води директорка која во својата работа секојдневно прекршувала Закони. 

Ја известуваме јавноста за следното: 

  1. Ние родителите за вечерва имаме закажано средба на која ќе ги дефинираме следните чекори. 
  2. Сериозно размислуваме за повик за бојкотирање, односно не носење на нашите деца во просториите на детската градинка и исполнување на напишаното од првото писмо, односно носење на нашите деца пред зградата на Министерството за труд и социјална политика со цел Министерката да се грижи за нив. 
  3. Сериозно размислуваме за организирање на протести со цел заштита на сигурноста на нашите деца која според нас во овој момент е нарушена. 

Бараме поддршка и разбирање од сите граѓани на општина Гази Баба. Бараме поддршка и разбирање од сите родители на деца, бидејќи знаеме какво е чувството да незнаеш на кого го оставаш своето дете! 

Во текот на вечерта, преку соопштение до јавноста ќе информираме за следните чекори кои ќе ги превземеме“.

Инаку, реакција до Тренчевска упати и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој исто така се противи на одлуката, разрешената директорка на градинката, да биде повторно ставена на истата функција.

 

 

28.05.2023 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега