РС Македонија домаќин на првиот Регионален министерски состанок

Министри на РС Македонија, Р Србија, Црна Гора, БиХ, Р Албанија и Р Косово, заедно со високи претставници од Директорат за проширување на ЕК утре во Скопје на прв состанок за Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст, што беше објавен од ЕК на почетокот на овој месец.

Состанокот се одржува со цел презентирање на Планот за раст од страна на DG NEAR и отворена дискусија со министрите од регионот за можностите максимално да се искористи ново дизајнираниот План за раст, во насока на зајакнување на кохерентноста на политиките и усогласување на помошта на ЕУ со домашните реформи и расположливи ресурси. 

Планот за раст на Западен Балкан и Инструментот за реформа и раст пред министрите за финансии и економија и главни преговарачи на РС Македонија, Р Србија, Р Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Р Албанија ќе ги претстави  генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија  Герт Јан Копман.

Во фокусот на состанокот помеѓу ЕК и земјите од Западен Балкан се реформите коишто ќе бидат клучни за унапредување на економскиот и социјалниот развој, конвергенција во наредниот четиригодишен период, особено во делот на енергетската транзиција, бизнис окружување, животна средина, дигитализација, образование и човечки капитал. Во тој контекст и инвестициските приоритети.

План за раст на Западен Балкан е нов инструмент на ЕК којшто треба да овозможи поврзување, поддршка на реформите и финансиска поддршка во вид на грантови и поволни заеми, а со цел создавање поволни економски услови за граѓаните и бизнисот и побрза конвергенција и интеграција во ЕУ. Тоа е одлична можност за земјите за интензивирање на реформските агенди поврзани со евроинтеграцијата и унапредување на стандардот во земјите од регионот.

Планот се базира на четири столба кои се насочени кон забрзување на економската интеграција од земјите во регионот во Единствениот пазар на Европската унија, како и зајакнување на економската интеграција во Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, а преку спроведување на социо-економски и  фундаментални реформи,  за што на земјите им се ставаат на располагање 6 милијарди евра во рамки на Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан.

 

16.11.2023 - 17:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега