Русија планирала серија диверзии во САД: Поставување експлозиви во товарни авиони

 


Русија се подготвуваше за диверзантски операции против САД со поставување експлозивни направи во товарни пратки и испраќање со авион. Како одговор, САД го предупредија рускиот претседател Владимир Путин за последиците од „поддршката на тероризмот“, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи неименувани извори.

Во декември генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Русија долго време не води прикриена, туку отворена војна против земјите на НАТО. Тврдењата на Руте уследија по извештајот на ОБСЕ кој покажа дека Русија извршила приближно 150 напади врз земјите на НАТО од почетокот на војната во Украина. Овие напади вклучуваат сајбер напади врз железници, болници, GPS системи и водни мрежи. Извештајот, исто така, ги нагласува хакирањето, саботажата и заканите за воените објекти и подводната инфраструктура.

Потеклото на операцијата со запаливи уреди датира од летото кога на аеродромите и магацините во Германија, Велика Британија и Полска почнаа да се палат навидум безопасни товарни пратки. САД и Европа беа убедени дека Русија стои зад овие инциденти.

До август, според Њујорк тајмс, претставниците на Белата куќа станале сè позагрижени за разузнавачките извештаи кои сугерирале дека Москва планира многу поширока операција – пренесување на војната од Украина на американско тло.

За време на серијата состаноци во собата за кризни ситуации, високите советници на претседателот Џо Бајден ги анализираа пресретнати комуникации меѓу високи функционери на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Овие дискусии опишаа пратки на стоки за широка потрошувачка кои се запалија, вклучително и мал електричен масажер што се користеше како уред за тестирање.

Откако Русите сфатија како се движат пакетите низ безбедносните системи на воздушниот товар и колку долго трае транспортот, следниот чекор беше да ги испратат овие предмети на летовите до САД и Канада со цел да предизвикаат пожари откако ќе се истоварат пратките.

Карго авионите беа примарна грижа, иако патничките летови понекогаш носат и помали пакети во делот за багажот.

Во август, американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас воведе построги мерки за проверка на товарните пратки кои влегуваат во САД, според Њујорк Тајмс. До октомври, по повеќекратните предупредувања, тој изврши притисок врз извршните директори на големите авиокомпании да ги забрзаат мерките за да се спречат катастрофи во текот на летот. Некои од овие безбедносни мерки беа јавно објавени, а други останаа во тајност.

Зад затворени врати, претставници на Белата куќа се обидоа да утврдат дали рускиот претседател Владимир Путин лично го наредил планот за саботажа или не бил информиран. Неколку официјални лица сугерираа дека диверзантските дејства би можеле да бидат дело на офицерите на ГРУ кои дејствуваат според општа директива за зголемување на притисокот врз САД и нивните сојузници во НАТО.

Според извори на Њујорк Тајмс, предупредувањата на крајот му биле доставени на Путин и се чини дека имале ефект. Пожарите во Европа барем засега престанаа. Сепак, останува нејасно дали Путин лично наредил прекин на операциите и колку долго ќе трае затишјето. Постои можност Русија да го искористила ова затишје за да развие понапредни уреди кои потешко ќе се откријат при идни диверзантски напади, заклучуваат американските медиуми.

15.01.2025 - 09:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега