Руски воен авион навлезе во полскиот воздушен простор
Полските власти известија дека руски авион, кој полетал од Калининградската област во вторникот, накратко го нарушил полскиот воздушен простор.
„На 11 февруари 2025 година, во источниот дел на заливот Гдањск, воздушниот простор над територијалните води на Република Полска беше нарушен од авион Су-24МР на Вооружените сили на Руската Федерација. Авионот, кој полета од областа Кролевиец, влезе во полскиот воздушен простор на максимална длабочина од 6,5 километри и остана таму една минута и 12 секунди“, соопштија полските власти.
Радарските системи на полските вооружени сили го следеле летот на рускиот авион, додека дежурните служби за надзор на воздушниот простор биле во контакт со руската страна. Руските власти го потврдија нарушувањето на полскиот воздушен простор, наведувајќи дека тоа е предизвикано од дефект во навигацискиот систем на Су-24МР.
„Персоналот на полскиот систем за противвоздушна одбрана врши 24-часовен надзор на воздушниот простор, секогаш подготвен да ја обезбеди неговата сигурност“, соопштија полските власти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа