„Сакам да работам“: Заштитени устав и ЕУ вредности, 10 илјади семејства може да здивнат
Здружението на вработени во сектор игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ смета дека одлуката на Претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот за стапување на сила на Законот за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри го заштитува уставот, европските вредности и овозможува десет илјади семејства да здивнат.Одлуката на Претседателот на Републиката е на иста линија со официјалните претставници на Европската Комисија кои во повеќе наврати укажаа дека не премолчуваат и не одобруваат процедурални и деловнички злоупотреби, кои се во спротивност со европските демократски вредности, чија имплементација во нашето општество на сите нивоа е клучна за исполнување на државните стратешки цели за полноправно членство во ЕУ.
После ваков развој на настаните, секој евентуален обид со мнозинство од 61 пратеник повторно да се изгласаат законските измени и Претседателот да биде принуден да го потпише Указот, ќе значи дека законодавниот дом нема слух за оправданите забелешки и работи против ЕУ перспективите. Затоа, апелираме до Техничката Влада да ги повлече овие законски измени. Неопходен е широк консултативен процес со вклучување на сите засегнати страни за да се дојде до законски измени кои ќе нудат решенија за грижите на граѓаните, а не да создаваат хаос во игрите на среќа,со кој младината навистина ќе биде загрозена.
Конечно, сакаме да упатиме една порака и до Движењето „Антикоцкање“ од Тетово. Нема никаква потреба повторно да ширите невистини и манипулации за оцрнување на секторот игри на среќа и вработените. Едноставно, не можете да објасните зошто не протестирате против онлајн игрите на среќа кои се достапни секаде и на секој мобилен уред кои ги користат младите, а упорно инсистирате на затворање на легалните објекти. Немате право и понатаму да манипулирате со родителите и јавноста. Затворањето на легалните објекти ќе предизвика отворање на диви играчници по подруми, без никаква контрола на државата и така младината навистина ќе биде загрозена. За тоа постојат примери од регионот кои упорно ги игнорирате.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа