СДСМ: Дали Инспекторатот за животна средина свесно ја излажал јавноста за цијанидот во Крива Река?
Во врска со сериозниот еколошки инцидент на 14 март во Крива Река, СДСМ изразува длабока загриженост и ја повикува јавноста, институциите и правосудните органи да не дозволат овој случај да биде заташкан.
„Се работи за сериозно загадување на реката и животната средина, кое може да има долгорочни последици по здравјето на граѓаните, водите, почвата, земјоделството и целиот екосистем во регионот. Најалармантно е што постојат сериозни сомнежи дека државните институции, пред сè Инспекторатот за животна средина, свесно прикривале информации и намерно ја дезинформирале јавноста. Иако биле обврзани по закон веднаш да земат примероци и да утврдат присуство на опасни хемикалии во водата, тоа не било направено. Наместо анализа, било објавено дека се излеала „само вода“, што е тешка лага со можни кривични последици“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Дополнително загрижува тоа што има индиции дека инспекторите кои излегле на терен имаат директни или индиректни врски со фирмата Булмак 2016. Ова е очигледен судир на интереси кој фрла сомнеж врз целиот надзорен процес и отвора прашања дали државата свесно ја штити компанијата Тораница на штета на здравјето на граѓаните“
СДСМ бара од Јавното обвинителство итно да отвори предмет за овој случај.
„Очекуваме Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина да ја информираат јавноста дали Булмак 2016 работи догласно А интегрираната еколошка дозвола, со оглед на тоа дека ова не е прво прекршување. Бараме и објава на сите релевантни инспекциски извештаи, како што налага законот, и утврдување на индивидуална одговорност за сите службени лица кои не постапиле согласно прописите. Граѓаните имаат право да знаат што се случува со нивната животна средина. Никој нема право да си игра со нивното здравје. Потребна е транспарентност, одговорност и решителност. Овој случај нема да помине незабележано“, завршуваат од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа