Седум кандидати обезбедија место на гласачкото ливче за претседател на државата

 


Со последниот пресек на ДИК и партиските конвенции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ што се одржаа викендов седум кандидати успеаа да го обезбедат своето место на изборите за претседател на државата. 

ВМРО-ДПМНЕ официјално на конгрес ја потврди поддршката за Гордана Силјановска-Давкова, а СДСМ за реизбор на актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски. И двајцата во текот на вчерашниот ден, и покрај загарантираниот влез со 30 пратеници, собраа и над 10.000 граѓански потписи.

Претходно, потребниот број потписи го собраа и Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди, Максим Димитриевски – кандидат на ЗНАМ Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Останатите кандидати во трката за претседател се далеку од 10.000 потпишани, што е неопходно за учество на претседателските избори.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија (ДИК) до вчера во 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ – поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, има 1.411 потписи, Вело Марковски како независен кандидат има 1.402 , за Господин Попоски од Вевчани се потпишале 109 граѓани, за Зорица Цветковска од Десна – 195, независниот кандидат Ѓoрѓи Манасков – 414 граѓани, додека кај Томе Николоски кој се откажа од трката стои бројката на нула потписи. И Ѓорѓи Манасков вчера укажа на нерегуларности и побара да се стопира целата постапка за собирање потписи.

Рокот за собирање на потписи истекува на 8 март, на полноќ.

04.03.2024 - 09:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега