Серија апсења на повеќе локации во Македонија - приведени повеќе лица

 


Полицијата во текот на вчерашниот ден апсеше на повеќе локации ширум Македонија.

Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција во координација со Единицата за недозволена трговија и ЕУМНА при СВР Скопје презедоа опсежни истражни дејствија во врска со настан од 02.10.2024, кога на ул. „Ѓурчин Кокале“ во Скопје беше пронајдено патничко моторно возило „мини“ и при извршен претрес на 02.10.2024 околу 01 часот, по претходно обезбедена судска наредба, во возилото се пронајдени 6,2 килограми марихуана, 442 таблети екстази (мдма), пиштол, осум куршуми, пригушувач од пиштол, 14,2 мл хашиш смола, машина за вакумирање две дигитални ваги... Со цел расчистување на случајот, повикани се повеќе лица на службен разговор и извршени се претреси на домови на повеќе локации на подрачје на Скопје кај лица за кои постоеше сомнение за нивна можна инволвираност во овој случај. На 07.11.2024 извршен е претрес во дом на О.А. во Скопје при што е пронајдена марихуана, мобилен телефон и други предмети, по што О.А. е лишен од слобода. На 08.11.2024 од страна на СВР Скопје до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава по член 215 и 396 од КЗ против О.А. кој е лишен од слобода и М.З. од Скопје, кој е во бегство и се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Денеска (09.11.2024) во 01.45 часот на локален пат кај место викано „Понов мост Богородица“ полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица, го лишиле од слобода Б.М.(51) од Гевгелија, затоа што при извршен преглед во патничко возило „форд фокус“ со гевгелиски регистарски ознаки, кое тој го управувал, биле пронајдени четири лица-мигранти од Либан. Известен е јавен обвинител од ОЈО за ГОКК и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, а мигрантите биле пренесени во Прифатно-транзитен центар „Винојуг“-Гевгелија.

На 08.11.2024 во 12.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Л.(28) од Хрватска, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.11.2024 во 12.00 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Полициската станица Карпош го лишиле од слобода С.Р.(36) од Виница, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.11.2024 во 12.30 часот на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Ч.(27) од Скопје, затоа што при извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека евидира со мерка „апси“ по барање на ЕНК-СВР Скопје. Тој бил предаден на полициски службеници за понатамошна постапка.

На 09.11.2024 во 02.20 часот на регионален пат А3 во Битола полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода З.Б.(31) од Битола, затоа што при преглед кај него пронашле грутчеста материја. По документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.

На 09.11.2024 во 00.30 часот на ул.„Карпош" во Битола полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.Н.(42) од Битола, затоа што при преглед кај него била пронајдена прашкаста материја. По документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.

На 08.11.2024 во 18 часот во маркет во Прилеп при вршење на кражба бил фатен Е.А.(31) од Скопје. При извршување на делото бил фатен и спречен од обезбедувањето на објектот. Лицето е приведено во полициска станица Прилеп и ќе следува соодветен поднесок.

На 09.11.2024 околу 02.45 часот во Скопје, во централното градско подрачје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишија од слобода Ј.Т. (19) и К.П. (19), двајцата од Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „разбојништво“. Веднаш по добиената пријава околу 02.30 часот од Ф.Ф. (22) дека во близина на Собрание на град Скопје две лица со закана со остар предмет му одзеле пари, преземени се соодветни мерки и активности и извршителите се лишени од слобода, а одземеното е пронајдено и ќе биде вратено на сопственикот. Пронајден е и предметот со кој е извршено делото и по документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

09.11.2024 - 12:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега