Шефот на ФБИ откри што „гуглал“ атентаторот на Трамп

 

Дваесетгодишниот маж осомничен за обид за атентат на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, пребарувал на Интернет за убиството на Џон Кенеди, дента кога се регистрирал за неговиот предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, изјави шефот на ФБИ, Кристофер Вреј.

„Анализата на лаптопот што истрагата го поврзува со напаѓачот откри дека на 6 јули тој пребарувал на „Гугл“ колку далеку (Ли Харви) Освалд бил од Кенеди“, рече Вреј во сведочењето пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом.

„Тоа е истиот ден кога се чини дека се пријавил за митингот во Батлер“, рече тој, додавајќи дека осомничениот Томас Крукс потоа станал „многу фокусиран на претседателот Трамп и неговиот предизборен митинг“.

Поранешниот претседател Кенеди беше убиен од Ли Харви Освалд на 22 ноември 1963 година во Далас, Тексас.

Вреј рече дека Крукс, помошник во старечки дом, испукал најмалку осум куршуми со муниција од покрив во близина на митингот на 13 јули, погодувајќи го републиканскиот претседателски кандидат во увото, убивајќи еден од учесниците на митингот и ранувајќи двајца други.

Се уште не е познат мотивот за обидот за атентат. Вреј објасни дека многу луѓе го опишале Крукс како осаменик и дека листата на контакти во неговиот телефон е кратка.

Вреј, исто така, им кажа на пратениците дека Крукс го летал дронот на околу 600 стапки од бината каде што Трамп се обраќал на толпата и емитувал 11 минути снимка во живо околу два часа пред настанот.

Тој рече дека примитивни експлозивни направи дизајнирани да се активираат од далечина биле пронајдени во автомобилот и домот на Крукс. Крукс имал предавател со себе во моментот на пукањето, додаде Вреј. Но, тој рече дека ФБИ верува дека осомничениот не би можел да ги активира уредите доколку се обидел.

Кимберли Читл поднесе оставка како шеф на американската тајна служба, откако членовите на двете големи партии го побараа тоа поради неуспехот да се спречи обид за атентат.

24.07.2024 - 21:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега