Шефот на НАТО: Не можам да кажам дека го поддржувам целиот план за победа на Зеленски

 

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека „планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски е добар сигнал, но дека, како што сега стојат работите, тој не може целосно да го поддржи.

„Тоа е силен сигнал од Зеленски и неговиот тим дека го смислиле тој план, што не значи дека можам да кажам дека го поддржувам во целост, тоа би било малку тешко бидејќи има многу работи кои треба подобро да разбереме“, изјави Руте.

Тој реагираше претпазливо на желбата на Украина за брз прием во западната воена алијанса.

Руте потсети на изјавата на НАТО од самитот во Вашингтон, во која само се вели дека патот на Украина кон членство во тој сојуз е „неповратен“.

Поддржувачите на брзото влегување на Украина во НАТО не надвладеаа над противниците на идејата, вклучително и САД и Германија, кои стравуваат дека понатамошната ескалација ќе ја вовлече Алијансата во војна.

Руте, исто така, рече дека новата украинска мисија на НАТО во Визбаден, Германија ќе биде целосно оперативна во рок од неколку месеци.

Претходно денеска Зеленски изјави дека војната со Русија би можела да заврши најдоцна следната година доколку веднаш биде спроведен неговиот „план за победа“, кој вклучува безусловна покана за членство во НАТО и конкретна поддршка за вооружување и дозвола за употреба на западни ракети со долг дострел со кои би биле насочени длабоко во руска територија.

Тој најави дека утре ќе отпатува на самитот на лидерите на Европската унија во Брисел за и таму да го претстави својот победнички план.

16.10.2024 - 21:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега