Шефот на „Телеграм“, Дуров, останува во француски притвор

 

Шефот на „Телеграм“, Павел Дуров, ќе остане во притвор до 48 часа во рамките на истрагата за сајбер-криминал, соопшти Обвинителството во Париз по донесената одлука за продолжување на притворот синоќа.

Дуров беше уапсен во саботата. Истрагата се однесува на кривични дела поврзани со сомнителни недозволени трансакции, детска порнографија и измама со апликации, како и одбивање да се дадат информации на властите.

Лидерот на руската Дума, Вјачеслав Володин, сојузник на претседателот Владимир Путин, во вторникот тврдеше дека САД стојат зад апсењето на Дуров, основачот и извршен директор на платформата за пораки „Телеграм“, која игра клучна улога во комуникацијата на војната во Украина.

Володин рече, без да обезбеди докази, дека САД се обиделе да го контролираат „Телеграм“ преку Франција.

„’Телеграм’ е една од ретките и во исто време најголемите интернет-платформи на кои САД немаат влијание“, рече Володин.

„Пред претседателските избори во САД важно е (претседателот Џо) Бајден да ја преземе контролата врз ‘Телеграм’“.

Белата куќа не го коментира апсењето на Дуров, а францускиот претседател Емануел Макрон рече дека апсењето „во никој случај не е политичка одлука“.

Шифрираната апликација „Телеграм“, со седиште во Дубаи, има речиси милијарда корисници и е особено влијателна во Русија, Украина и во републиките од поранешниот Советски Сојуз.

Откако Русија ја почна својата инвазија на Украина во 2022 година, „Телеграм“ стана главен извор на нефилтрирани, а понекогаш и експлицитни и погрешни содржини од двете страни за војната.

 
27.08.2024 - 13:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега