Шпанија го поддржа укинувањето на визите за Косово, ама нема да ги признае косовските пасоши

 

 

Шпанија, една од петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово, не ги признава ниту косовските пасоши, а имателите на овие документи нема да можат да патуваат таму ниту по ослободувањето од визниот режим за ЕУ, а од Европската комисија велат дека ова прашање е во рамките на надлежност на земјите-членки.

„Признавањето на пасошите спаѓа во надлежност на земјите-членки“, изјави во петокот портпаролот на Комисијата, Кристијан Виганд.

На прес-конференцијата, како одговор на новинарско прашање, Виганд потврди дека една членка не ги признава косовските документи.

Истовремено, уште четири земји кои не го признаваат Косово, Словачка, Романија, Кипар и Грција ги признаваат документите на најмладата европска земја чии граѓани ќе можат да влезат без визи во овие земји по 1 јануари следната година. Шпанија инаку ја поддржа визната либерализација за граѓаните на Косово.

Оваа недела ЕУ конечно донесе регулатива со која на граѓаните на Косово им се дозволува да патуваат во ЕУ без визи.

Според таа регулатива, граѓаните на Косово ќе можат да патуваат во ЕУ без виза за престој до 90 дена во кој било период од 180 дена, што значи дека ќе подлежат на истите правила како и граѓаните на другите земји од Западен Балкан.

Од друга страна, Србите од Косово кои имаат патни исправи издадени од Србија нема да можат да патуваат во ЕУ без визи. Косовската влада ги покани во рок од осум месеци да ги заменат своите пасоши издадени во Србија со косовски документи.

 
22.04.2023 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега