Шпанскиот премиер: Престанете да му продавате оружје на Израел
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја повика меѓународната заедница да престане да му продава оружје на Израел и ги осуди нападите на израелската армија врз мировниците на Обединетите нации во Либан.
Израелските сили пукаа во петокот врз набљудувачката станица што ја користеа трупите на ОН во јужен Либан, при што беа ранети две лица, изјави извор од ОН. Трет ден по ред, мировниците известуваат за израелски оган врз нивните позиции додека Израел води војна против Хезболах.
Ниту еден од шпанските војници кои биле дел од мисијата не бил погоден, соопшти во петокот шпанското Министерство за одбрана.
Шпанија распореди 650 членови на мировната мисија во Либан, а мисијата ја предводи шпански генерал.
„Дозволете ми во овој момент да ги критикувам и осудам нападите извршени од израелските вооружени сили против мисијата на Обединетите нации во Либан“, рече Санчез, чија земја беше критична кон Израел во неодамнешната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
Санчез рече дека Шпанија престана да му продава оружје на Израел во октомври 2023 година и го повика остатокот од светот да го стори истото за да спречи понатамошна ескалација во регионот.
„Мислам дека е итно со оглед на она што се случува на Блискиот Исток меѓународната заедница да престане да извезува оружје за израелската влада“, рече тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа