Си ги пакуваат куферите: Пратениците разрешија двајца директори
Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.
Пред изгласувањето на одлуките претходеа куси расправи.
Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ побараа да биде повлечена од дневен ред точката за разрешување на Глигоров и Сефери. Обвинија дека со ваквиот начин на разрешување власта потврдува дека врши партизација на администрацијата.
На Џафери и Беџети им реплицираше Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија според кој, нема поголема причина за разрешување на Глигоров и Сефери од Извештајот на Државниот завод за ревизија кој утврдил незаконитости во работењето на Агенцијата за администрација.
И Весна Бендевска се јави за збор. Беше децидна дека Глигоров и Сефери мора да бидат разрешени зашто, како што посочи, ги злоупотребувале своите функции.
На ова реплицираше Јованка Тренчевска од СДСМ според која, се што кажала Бендевска е невистина.
Собранието во рамки на попладневниот дел од седницата ја донесе и Одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа