Силјановска Давкова: Македонската држава не е подарена, туку е извојувана со тешка војна

Денешниот празник е потсетување дека никој нас не не ослободувал туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народноослободителна војна…Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на Армијата сте вистинските чувари на наследството, слободната македонска држава која пред 80 години на АСНОМ ни ја оставија нашите храбри претци. Тоа го истакна претседателката и врховна командантка на Армијата, Гордана Силјановска Давкова во обраќањето пред присутните на Централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата на Републик  Македонија што денеска се одржа во Охрид.

Силјановска Давкова во оваа прилика посочи дека силата ни извира од единството на нашите различности, етничка, верска, јазична, генерациска, полова, идеолошка…

–  Сите сте поврзани и обврзани со свечената заклетва дека ќе ги браните слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Насушна и непресушна потреба и чест е дисциплинирано, чесно и совесно како и досега да ги извршувате воените должности. Тоа го правите постојано и беспрекорно…најмногу со безрезервната поддршка и помош што им ја давате на македонските гражани и институциите во справувањето со елементарните непогоди какви што беа пожарите летово. Вие сте важен мировен гарант и потенцијал во овие тешко времиња на голема неизвесност…рече меѓу другото таа.

Претседателката посочи дека најважно од се е што покрај активното меѓународното присуство, припадниците на Армијата се тука, дома, секогаш и секаде каде е најпотребно.

–  Додека го прославуваме овој празник, дел од припадниците на Армијата се борат со огнените стихии ширум државата. Во овој миг помагаат во гаснењето, заштитата на граѓаните и добрата…Години наназад редовно се ангажираше во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби. Секогаш тоа го правеше професионално и пожртвувано, затоа Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓаните, истакна таа, искористувајќи ја можноста да укаже на потребата од спроведување реформи на системот за заштита и спасување и управување со кризи, да се детектираат и корегираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен и ефикасен систем за справување со кризи.

Претседателката во својство на Врховен командант на оружените сили го назначи генерал-мајорот Сашко Лафчински за началник на Генералштабот на Армијата, функција што изминатите два мандати ја вршеше генерал-полковникот Васко Ѓурчиновски.

Новоназначениот 12-ти по ред началник на Генералштабот на Армијата, Лафчински, веднаш по стапувањето на функцијата, рече дека му е укажана голема чест да ја предводи институцијата што е синоним за вредности и принципи, но и уште поголема е одговорностa.

 

18.08.2024 - 13:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега