Сиљановска Давкова присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот Престол, денеска во базиликата „Сан Клементе“ присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.

Молебенот, на кој присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија Владиката Пимен и Владиката Тимотеј со претставници на Македонска православна црква — Охридска архиепископија.

По молебенот, Сиљановска Давкова упати порака за продолжување на делото на св. Кирил и рече дека посебна убавина на настанот му дало бројното присуство на припадниците на македонската дијаспора во Италија и во Австрија.

„Кирил бил со векови пред времето. Кирил го вградил, не само својот живот, туку и нашиот живот, на некој начин, во Европа пред многу многу долги векови. Тоа мораме да го почитуваме. На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, оти тоа значело обединување, разбирање, слушање, говорење“, изјави Сиљановска Давкова, која со гордост ги споменува Cветите Кирил и Методиј кои се директна врска меѓу Македонија како лулка на европската писменост и Европа.

Таа посебно ја истакна и почитта што кон делото на Св. Кирил ја имаат сите словенски народи.

„Кирил порачал дека јазикот е код за разбирање, дека треба да се разбираме, да се обидеме, да се слушаме, да се помагаме. Кога вака доаѓаме едни по други, има ли поголем доказ дека тој на ум имал обединување на сесловенскиот свет. Тој им припаѓа на сите и мислам дека неговата порака е хумана порака“, рече Сиљановска Давкова по молебенот.

Сиљановска Давкова ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде положи венец на спомен – плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, Сиљановска Давкова вчеравечер во салата „Балдини“, присуствуваше на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“ со солистот Нада Талевска – Спасовска, кои настапија со македонски народни песни во нивни аранжман, а во организација на Министерството за култура.

Попладне претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

24.05.2024 - 15:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега