Словачкиот премиер опериран по втор пат
Словачкиот премиер Роберт Фицо беше опериран по втор пат по атентатот во средата, кога се здоби со прострелни рани во стомакот и „е во стабилна состојба со навестувања за напредок, исто како што Словачка е стабилна“, изјави вицепремиерот и министер за одбрана, Роберт Калињак.
„Земјата е стабилна, пациентот е стабилен денеска. Можеме да ги направиме сите работи што треба да ги направиме како влада. А ние имаме свој премиер и тоа на сите ни е јасно“, изјави Калињак за новинарите во болницата каде што е Фицо.
Мирјам Лапуњикова, директорка на болницата Рузвелт во тој град во централна Словачка, најблиската добро опремена болница до Хандлова, каде што 71-годишен Словак во средата испука пет истрели кон премиерот, рече дека денешната операција траела два часа за отстранување некротично ткиво, што е вообичаена постапка при за такви повреди.
„Премиерот останува на интензивна нега, а неговата состојба се уште е многу сериозна. Лекарите се среќаваат и се консултираат секое утро и затоа денеска не можат да кажат дали ќе бидат потребни дополнителни операции“, рече Лапуњикова.
Лекарскиот совет в понеделник ќе одлучи дали и кога ќе можат да го превезат премиерот во Братислава.
Вицепремиерот Калињак се заблагодари за сите понуди за лекување на Фицо во странство и истакна дека Владата има целосна доверба во лекарите во Банска Бистрица.
„Ќе бидат потребни уште неколку дена додека не биде јасно како ќе се развива здравјето на премиерот. Порасположен сум бидејќи гледам напредок. При денешната интервенција се покажа дека главната операција била успешна“, рече Калињак.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа