Состојбата на повредените во Нови Сад е многу тешка
Состојбата на повредените во несреќата во Нови Сад е многу сериозна, изјави денеска министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и наведе дека вчера биле сослушани 26 лица во врска со несреќата, а денеска ќе бидат сослушани уште пет лица.
– Само тројца од 17-те кои беа под настрешницата преживеаја и повредите им се тешки, на еден од нив, момче родено 2006 година, му беа ампутирани нозете до глуждовите, на девојката родена 2000 или 2001 година и беа ампутирани нозете, додека на втората девојка и е ампутирана рака, изјави Дачиќ за РТС.
Тој посочи дека за виновниците за несреќата ќе биде утврдена кривична и политичка одговорност и наведе дека вчера по наредба на обвинител во новосадската полициска управа биле на распит 26 лица, меѓу кои и лица од Министерството за транспорт предводено од министерот Весиќ, но дека никој не е приведен затоа што само се собираат информации.
Тој додаде дека истрагата продолжува и дека денеска ќе бидат сослушани уште пет лица.
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ вчера потврди дека дал изјава во Полициската управа во Нови Сад во присуство на обвинител во својство на граѓанин во врска со несреќата што се случи во петокот на Железничката станица.
– Веднаш по поканата што ја добив денеска од Вишото јавно обвинителство Нови Сад, отидов во Полициската управа во Нови Сад и дадов изјава како граѓанин во присуство на надлежниот обвинител. Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура е целосно во соработка со обвинителството за да се расветлат сите причини за оваа страшна трагедија, рече министерот Весиќ.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, синоќа изрази надеж дека трите тешко повредени во несреќата на новосадската железничка станица, кои беа сместени во Клиничкиот центар Војводина, ќе преживеат и потсети дека увидот е завршен од стручни органи и тела, чии наоди и мислење треба да се почекаат за сите да знаат што се случило.
Меѓу загинатите на Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна бетонски покрив од зградата на станицата, се наоѓаше и Васко Саздовски од Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа