Спасовски и Поклукар: Со сплотена соработка на земјите од регионот и ЕУ земјите постигнавме одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти
Денеска (04.04.2023) во Порторож, Словенија министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Словенија, Оливер Спасовски и Боштјан Поклукар на маргините од Министерската конференција во рамки на Брдо процесот остварија билатерална средба.
Министерот Спасовски упати благодарност до својот словенечки колега Поклукар за топлиот пречек и истакна дека особено му е драго што повторно ќе имаат можност да соработуваат и дека посветено ќе продолжат да работат на прашања од заеднички интерес како за двете Министерства за внатрешни работи, така и за нашите две пријателски земји.
,,Како што и самиот знаете, регионов и натаму се соочува со многу безбедносни предизвици од кои би ги издвоил недозволената трговија со дрога, борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, финансискиот криминал и сите видови на организиран криминал, што пак нам како министри ни налага непосредна и блиска соработка помеѓу нашите две Министерства како на билатерално, така и на регионално ниво. Приоритет и фокус несомнено и во периодот што следи како во регионов, така и во европски рамки е миграцијата односно нелегалната миграција за која што говоревме и во рамки на оваа средба на Министри на земјите од Брдо процесот,, истакна Спасовски
Спасовски го информираше Поклукар дека на наше огромно задоволство Република Северна Македонија на 19 април 2023 година и формално ја започнува првата операција на Агенцијата на ЕУ за европска и крајбрежна стража, за што изминатиов период беше интензивен во размената на информации и договарања со претставниците на Фронтекс и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а на 20 април во Скопје по тој повод е предвидена и Свечена Церемонија.
На средбата двајцата министри за внатрешни работи заклучија дека ефикасното организирање на секаков вид соработка е незаменливо средство за јакнење на безбедноста на секоја земја, а со тоа и на регионот. Министрите Спасовски и Поклукар изразија искрена благодарност за колегите од граничните служби на Република Северна Македонија, на службите во регионов но и од земјите од ЕУ меѓу кои беа и словенечките полициски службеници кои со сплотена соработка и преку Заедничката операција за засилен надзор на јужната граница постигнаа одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти.
Министерот Спасовски во оваа прилика го информираше својот колега Поклукар дека годинава сме домаќини на 50. Европска регионална конференција на Интерпол што ќе се одржи од 8 до 10 мај во Охрид, одбележуваме и триесет години од зачленувањето на Републиката во глобалната криминалистичка организација, па одржувањето на Конференцијата го конципиравме и споивме и со прославата на Денот на полиција 7 мај и лично го покани министерот и негова делегација да ни се придружи на овие настани кои се од голема важност за државата и за Министерството. Спасовски се заблагодари за целокупната поддршка што Министерството за внатрешни работи на Република Словенија ни ја пружа на билатерално и на меѓународно ниво изминатиов период, особено во нашите напори за европска интеграција.
Од страна на министерот Поклукар беше изразена благодарноста за одличната соработка помеѓу двете МВР, а беше прифатена и поканата од страна на министерот Спасовски да ја посети Република Северна Македонија, согласувајќи се со премисата дека секоја заедничка средба носи силна порака на сигурност за сите граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа