Спасовски за „Трилинг“: Најдоброто помирување во општеството треба да биде врз основа на носење на одговорност
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на гостувањето во емисијата „Трилинг“ беше запрашан за неговиот став во однос на неказнивоста и носењето на Законот за амнестија.
„Неказнивоста е секогаш проблем, затоа што раѓа нова неказнивост, и тоа не е еднаш се случувало во државата. Имало состојба, да речеме, во 2012 година кога се случи настанот во Собрание, кога беа исфрлени новинарите и пратениците - немаше никаква одговорност. После тоа, се роди нов таков случај, инцидентот на 27 април 2017 година. Дополнително што тоа не е состојба, не е вредност која треба и мора да се промовира, затоа што токму правната несигурност ако се јавува, тогаш мислам дека тоа е најголемата штета за државата”, истакна министерот Спасовски.
Притоа, во врска со можноста за враќање на Груевски назад во државата, министерот Спасовски беше категоричен:
„Јас кажав како може да се врати, и тоа сум го повторил повеќе пати. Најдобро е да се врати, а ако се врати ќе се врати во затвор. Нема начин на којшто тој би се вратил, а да нема одговорност”, рече Спасовски.
Во тој контекст, запрашан за Законот за амнестија како можност за помирување помеѓу партиите, Спасовски рече:
„Јас кажав неодамна во јавноста дека за мене најдоброто помирување - политичко, национално, какво сакате - во општеството коешто ни е потребно треба да биде врз основа на носење на одговорност. Тоа се клучните вредности на кои што ние можеме да се обединиме, тоа се вредности кои ги посакуваат граѓаните, кои создаваат правна сигурност, правна држава, итн”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека неговиот личен став е дека Закон за амнестија не треба да се носи.
„Сметам дека нема ниту една причина која би оправдала носење на Закон за амнестија. Ако причината е функционалноста на системот за извршување на санкции - дека ќе се ослободат повеќе места, ќе се релаксираат казнено-поправните установи - анализата којашто ја направи Агенцијата за извршување на санкции по однос на законското решение е дека 260 лица ќе можат да бидат амнестирани за кривични дела кои не се поврзани со овие за кои зборуваме: висока корупција итн., туку се едноставно кражби, разбојништва, јавен ред и мир, сообраќај... Сето тоа нема да придонесе ниту да се релаксира системот, напротив, сметам дека, а тоа го покажува праксата во минатото, дека за многу краток временски период истите тие луѓе стануваат проблем надвор и се враќаат во казнено-поправните установи“, подвлече Спасовски, потсетувајќи дека таков беше случајот и минатиот пат кога беше донесен Законот за амнестија, но и сега, имајќи ги предвид статистичките податоци според кои во првите 8 месеци од оваа година евидентирани се околу 500 повратници при извршување на кривични дела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа